Прашан во интервјуто за „Независен“ дали премиерот разговарал со него за тоа што би била прифатлива рамка во која Собранието би го почнало процесот на уставни измени, лидерот на СДСМ вели дека таков разговор со Мицкоски немале, и додава дека тие како опозиција токму тоа и го бараат
Ставот на еден политичар, па макар бил и премиер, не смее да биде поважен од интересот на државата и граѓаните, вели лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, во интервју за порталот „Независен“.

Конкретно, Филипче со овие зборови го почнува одговорот на прашањето за негов коментар на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, дадена на прес-конференцијата на последниот ден од минатата година, дека додека е тој премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, уставни измени без добиени гаранции од Брисел нема да има.
Реалноста, според лидерот на СДСМ, е дека мнозинството граѓани даваат поддршка за интеграциите во Европската Унија и дека ВМРО-ДПМНЕ ветила оти ќе најде начин како да го направи тоа. Од таквите ветувања, смета Филипче, досега нема ништо, а пораки нема ниту од официјалните претставници на ЕУ.
„Ветуваа дека со мудра дипломатија ќе ги продолжат преговорите, но со нови, подобрени услови и дополнителни гаранции. За жал, засега гледаме само повремени изјави од владини претставници за подобрување на нашата преговарачка позиција, но никаква слична порака не доаѓа од официјалните европски претставници“,
вели лидерот на СДСМ.
Во однос на прашање за евроинтеграциите и излегувањето од ќор-сокакот, тој вели дека ќе продолжат да дејствуваат конструктивно, односно дека ќе го поддржат секој напор на Владата за изнаоѓање на попредвидлив и посигурен пат во интегративниот процес.
„Подготвени сме да споделиме искуства за тоа што ние се обидовме да го обезбедиме дополнително како гаранции, но не можеше да се реализира во тој временски период. Ако се сеќавате, предложивме затворена седница во Собранието и понудивме политичка поддршка, но Владата тоа го одби“,
вели Филипче.
Говорејќи во таа насока, тој додава оти верувал дека ВМРО-ДПМНЕ има подготвен план во однос на евроинтеграциите што ќе спречи раздвојување на Македонија и Албанија од патот кон ЕУ, но тоа се покажало како неточно.
„Факт е дека е голема штета што Албанија отиде напред, а ние заостанавме. Ова дополнително ги комплицира состојбите и во регионот. Верував дека ВМРО-ДПМНЕ има подготвен план за да не се случи ова раздвојување, но тоа се покажа како неточно“,
вели Филипче во интервјуто.
На прашањето дали премиерот разговарал со него за тоа што би била прифатлива рамка во која Собранието би го почнало процесот на уставни измени, лидерот на СДСМ вели дека таков разговор со Мицкоски немале и додава дека тие како опозиција токму тоа и го бараат.
„Секако дека би разговарал на оваа важна тема. Ние токму тоа го бараме, да бидеме информирани како се одвиваат работите за да може да дадеме целосна поддршка и да застанеме зад тој план ако истиот е реален и остварлив. Очигледно премиерот засега нема таков план на маса, иако има многу најави и шпекулации по ова прашање“,
вели лидерот на СДСМ во интервјуто.
За потсетување, уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата на највисокот правен акт во земјава се услов таа да ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ) со отворање на Поглавјата и Кластерите.
За владејачката ВМРО-ДПМНЕ, според ставовите кои досега доаѓаат оттаму, вклучително и од премиерот, уставни измени се можни, но ти да бидат со одложено дејство, односно да стапат во сила во моментот кога земјите членки на ЕУ ќе го ратификуваат пристапувањето на С Македонија во Унијата.

За тоа како ќе се одвива овој процес, Мицкоски одоговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата на 31 декември, рече дека очекува гаранции од Брисел.
„Ова е двосмерна улица, ние сме подготвени нашата насока да ја возиме, но дали вистински е подготвен Брисел да тие ја возат својата насока – не декларативно, не тапкање по рамо, не испраќање пораки, да седнеме и да направиме јасен план. Ете тоа очекувам од Брисел“,
рече тогаш Мицкоски.
