На прашање дека од Брисел се инсистира на уставни измени за продолжување на европскиот пат и за изјавата на спикерот Африм Гаши дека за тоа е потребна политичка волја кај најголемата владеjачка партија, Мицкоски потврди дека додека тој ја води Владата и е на чело на ВМРО-ДПМНЕ измени на Уставот нема да има, без добиените гаранции од ЕУ

Уставни измени без добиени гаранции од Брисел нема да има. Ова е ставот што премиерот Христијан Мицкоски го повтори денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарски прашања во врска со неговите очекувања за идната година за напредокот на земјата кон ЕУ.
Неговиот став е дека без заеднички изготвен јасен план дека нема понатамошна билатерализација на процесот на пристапување нема да има ниту уставни измени.
„Очекувам дека македонското досие конечно во Брисел ќе добие светлина, и очекувам дека ќе седнеме заедно со луѓето во Брисел да разговараме и да направиме план и сценарио како до самиот крај, а не само за првите една или две пречки. Сакам да видам план во кој што ќе учествуваме активно како да дојдеме до самиот крај. Се разбира, никој не може нас да ни гарантира дека ќе дојдеме во одреден временски период, но може да ни гарантира дека немаме повеќе проблем со билатерални прашања. Затоа што ние милиметар не сме се поместиле овие 20 години, поради билатералните прашања“,
рече Мицкоски.
Според него, земјата не е брилијантна дома, но има многу земји членки кои што станале земји членки, па не биле брилијантни.
„Да бидам подиректен, не секогаш станува збор за кластери и поглавја, туку има и политичка волја и одлука. Очигледно за македонското досие таква политичка волја и одлука во изминативе 20 години немало. Ова е двосмерна улица, ние сме поготвени нашата насока да ја возиме, но дали вистински е подготвен Брисел да тие ја возат својата насока – не декларативно, не тапкање по рамо, не испраќање пораки, да седнеме и да направиме јасен план. Ете тоа очекувам од Брисел“,
додаде Мицкоски.
На дополнително прашање дека од Брисел се инсистира на уставни измени за продолжување на европскиот пат и за изјавата на спикерот Африм Гаши дека за тоа е потребна политичка волја кај најголемата владеjачка партија, Мицкоски потврди дека додека тој ја води Владата и е на чело на ВМРО-ДПМНЕ измени на Уставот нема да има, без добиените гаранции од ЕУ.
„Да, нема да има политичка волја додека јас ја водам Владата и додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а без ВМРО-ДПМНЕ уставни измени нема да има, тоа треба на сите да им е јасно. Вака како што се конципирани – нема, и нема ни да има“,
рече Мицкоски.
Тој вели дека кога носи некоја одлука сака таа да значи дека е крај на еден процес, а не само почеток.
„Не сум авантуриста ниту егзибициониста во мојот живот, газам на цврста штица и ако носам каква било одлука таа одлука сакам да значи крај на еден процес, а не само почеток. Кога некој во Брисел ќе биде подготвен да разговара со мене за крај на процесот, тогаш јас ќе бидам подготвен“,
рече Мицкоски.
Мицкоски изјавата на собранискиот спикер Гаши оти не се сеќава дека во предизборното ветување на коалицијата „Вреди“ било напишано во програмата дека ќеима уставни измени до Нова година, ја оцени како интелигентна.
„Многу мудра и интелигентна изјава има дадено спикерот Африм Гаши бидејќи за разлика од поединците тој е свесен за реалноста кај нас дома, во земјава, дека без ВМРО-ДПМНЕ нема уставни измени“,
додаде тој.
За уставните измени во своето годишно обраќање од Собранието говореше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која иако го нарече нерационално барањето за внес на Бугарите во Уставот, рече дека со креативно интерпретирање на Преговарачката рамка, односно на заклучоците, единствено можно решение е спроведување на уставните измени со одложено дејство – по завршување на преговорите и ратификација на договорот за членство на земјава во ЕУ.
Односот на ЕУ кон нас, како што рече Сиљановска-Давкова, директно зависи од нашиот однос едни кон други и кон Копенхагенските критериуми, реформите, европеизацијата.
Таа укажа дека билатерализација на евроинтеграциите не е опасна само за македонскиот случај, туку за севкупниот процес на проширување на Унијата.