Ова, како што рече претседателката, би било вин-вин решение за Бугарија која би го остварила своето барање, а подоцна и во меѓувреме би ѝ помагала на земјава за евроинтеграциите бидејќи ќе биде свесна дека колку побрзо ќе завршат преговорите на земјава, толку побрзо Бугарија ќе дојде до целта
Иако го нарече нерационално барањето за внес на Бугарите во Уставот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето годишно обраќање во парламентот рече дека со креативно интерпретирање на Преговарачката рамка, односно на заклучоците, единствено можно решение е спроведување на уставните измени со одложено дејство – по завршување на преговорите и ратификација на договорот за членство на земјава во ЕУ.

Ова, како што рече, би било вин-вин решение за Бугарија која би го остварила своето барање, а подоцна и во меѓувреме би ѝ помагала на земјава за евроинтеграциите бидејќи ќе биде свесна дека колку побрзо ќе завршат преговорите на земјава, толку побрзо Бугарија ќе дојде до целта.
„За нас, вин би била можноста да се занимаваме со европски реформи, наместо со балкански пречки и ние би брзале да ги завршиме преговорите. За двете држави вин-вин би било засиленото пријателство и докажаното добрососедство“,
рече Сиљановска-Давкова во обраќањето.
Односот на ЕУ кон нас, како што вели, директно зависи од нашиот однос едни кон други и кон Копенхагенските критериуми, реформите, европеизацијата.
Рече дека како претседателка и како професорка ја навредува прашањето „Дали ќе го смените Уставот“.
„Го знаете мојот одговор – прашањето е надвор од ЕУ уставните норми, а јас не можам и не смеам да гарантирам уставни промени, оти не сум апсолутен монарх кој не ја почитува поделбата на власта и параламентарната демократија. Уставот го носите и менувате само вие, кои ги претставувате граѓаните и гласате по вашето сопствено, а не по моето уверување“,
додаде претседателката.
Укажа дека билатерализација на евроинтеграциите не е опасна само за македонскиот случај, туку за севкупниот процес на проширување на Унијата.
„Балканот е родното место на преседаните. А секој штетен преседан станува правило. Билатерализацијата нема да заврши со македонскиот случај, напротив, се плашам дека ќе биде инспирира нови случаи. Така и тогаш ќе стане најголемата опасност за проширувањето како најважна геостратешка инвестиција на ЕУ во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот. Балканската пандорина кутија ќе стане европска пандорина кутија. Европската Унија има/имаше можност токму со македонскиот случај да спречи овој штетен преседан да прерасне во правило. Ја поздравувам германско-словенечката иницијатива за избегнување на вето поради билатерални прашања, но и критиката на сите други“,
нагласи таа.
Претседателката нагласи дека членството во ЕУ останува врвен македонски државен интерес и приоритет.
Патот кон Брисел, според неа, може да се изоди полесно и побрзо ако, како што рече, претседателот, Собранието, Владата, судството, власта, опозицијата, невладиниот сектор, медиумите функционираат како добро синхронизиран, извежбан и искусен оркестар, на чиј репертоар редовно е симфонијата „владеење на правото“ со која треба да настапиме на финалниот концерт во Брисел.
Нагласи дека привремената пречка во евроинтеграциите не смее да стане изговор за пасивност.
„Целта на европските реформи не е да имаме само промена на законите, туку промена на реалноста, промена на секојдневието на македонските граѓани. Реформите не ги правиме за бриселските бирократи, туку за македонските граѓани. Нашата цел е да изградиме праведно и напредно македонско општество“,
рече претседателката во своето годишно обраќање во Собранието.