Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека специјалците биле испратени од Белград во Јагодина за да го уапсат осомничениот, бидејќи се сокрил откако убил едно, а ранил уште едно лице, па постоела голема опасност да настрада и некој друг
Министерството за внатрешни работи на Србија вчеравечер информира дека припадници на Специјалната антитерористичка единица го ликвидирале лицето што при тепачка во кафеана во Јагодина го уби сопственикот на локалот и тешко рани уште едно лице. При обидот за апсење, мажот пукал кон полицијата, по што бил ликвидиран.

„Припадниците на Специјалната антитерористичка единица го ликвидираа Саша Милосављевиќ (1977) во Јагодина, кој попладнето уби едно лице, а друго тешко рани. При обидот за апсење на убиецот, пукал во возилото на Специјалната антитерористичка единица, по што бил ликвидиран“,
изјави вчера министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
Дачиќ изјави дека специјалците биле испратени од Белград во Јагодина за да го уапсат осомничениот, бидејќи се сокрил откако убил едно, а ранил уште едно лице, па постоела голема опасност да настрада и некој друг.
„Тоа лице имало автоматски пиштол ‘скорпион’, кој не смее да го поседува, како и пиштол ЦЗ-99 без дозвола“,
изјави денеска Дачиќ за ТВ Пинк.
Според него, Милосављевиќ и претходно неколку пати извршил тешки кривични дела и е лице со богато криминално досие. Мажот синоќа бил под дејство на алкохол и правел проблеми во кафеаната, по што бил исфрлен од локалот, но се вратил со оружје и пукал, по што побегнал.
Престрелката се случи вчера попладне околу 18:00 часот во кафеана во Јагодина.
