На фотографијата што тој ја направил со мобилен телефон може да се видат неговите родители, сопругата и двете деца

Со фотографија од празничната вечера во домот на неговите родители, премиерот Христијан Мицкоски вечерва ги честиташе божиќните празници.
На фотографијата што тој ја направил со мобилен телефон може да се видат неговите родители, сопругата и двете деца.
Во придружниот текстот на фотографијата објавена на неговиот фејсбук-профил, Мицкоски пишува дека годинава паричката од бадниковата погача се паднала кај неговиот син Антониј.
„Оваа година, за Бадник кај моите родители, семејната топлина и радост беа дополнети со едно мало, но значајно изненадување – паричката од бадниковата погача падна кај мојот син Антониј! Со искрена радост и надеж дека и вас ве следи среќа во новата година, ви посакуваме убави празнични моменти, мир во срцата и многу љубов во вашите домови“,
пишува Мицкоски во објавата.
Претходно Мицкоски објави дека и годинава традиционално за Бадник бил во црквата „Св. Петар и Павле“ во Ѓорче Петров.
За утре, пак, е најавено дека премиерот ќе присуствува на централната свечена божествена литургија по повод празникот Христово раѓање – Божиќ во Соборниот храм „Св. Климент Охридски” во Скопје.
