Трудо вели дека побарал од претседателот на Либералната партија, функција што е одвоена од лидерот, процесот за избор на нов лидер да започне уште денеска. Тој што ќе биде избран за лидер на партијата ќе го замени Трудо и на премиерската функција

Канадскиот премиер Џастин Трудо соопшти дека ќе поднесе оставка од лидерското место на владејачката Либерална партија, но ќе остане на премиерската позиција сѐ додека партијата не избере негов наследник.
„Имам намера да поднесам оставка како лидер на партијата, а како премиер, откако партијата ќе го избере својот нов лидер“,
рече денеска 53-годишниот Трудо на прес-конференција во Отава.
Трудо вели дека побарал од претседателот на Либералната партија, функција што е одвоена од лидерот, процесот за избор на нов лидер да започне уште денеска.
Тој што ќе биде избран за лидер на партијата ќе го замени Трудо и на премиерската функција.
Трудо истакна дека откако станал премиер во 2015 година, се борел за Канада и нејзиниот народ, за зајакнување и раст на средната класа. Посочи дека одлуката да поднесе оставка ја донел по долги разговори со семејството и истакна дека неговиот успех бил резултат на нивната поддршка.
„Оваа земја заслужува вистински избор на следните избори и ми стана јасно дека ако треба да водам внатрешни битки, не можам да бидам најдобрата опција на тие избори“,
рече Трудо.
Тој тврди дека Парламентот бил „парализиран со месеци“, што тој го нарекува најдолгата седница на малцинскиот парламент во канадската историја. Според него, тоа е причината поради која на земјата ѝ е потребна нова седница на Парламентот.
Трудо изјави дека претходно се сретнал со генералната гувернерка на Канада и побарал од неа да ја одложи работата на Парламентот до 24 март, што во суштина е суспензија со која се запира работата на Собранието без да се распушти. Аналитичарите сметаат дека оваа одлука ѝ дава време на партијата да избере негов наследник.
Еден од првите што реагираше на оставката на Трудо е поранешниот централен банкар и потенцијален кандидат за лидер на Либералната партија, Марк Карни.
„Ви благодариме, премиер Џастин Трудо, за вашето лидерство, за вашите многубројни придонеси за Канада и за жртвите што вие и вашето семејство ги имате направено“,
напиша Карни на социјалната мрежа Икс.
Thank you Prime Minister @JustinTrudeau for your leadership, for your many contributions to Canada, and for the sacrifices you and your family have made for public service.
— Mark Carney (@MarkJCarney) January 6, 2025
Wishing you the best for your next chapters.
Би-би-си објави дека освен Карни, на листата за можни наследници на Трудо е и Кристи Кларк, поранешна премиерка на Британска Колумбија.
„Како доживотен либерал, со нетрпение очекувам да им се придружам на десетици илјади Канаѓани за да го изберат нашиот следен лидер. Ова е најголемата можност во повеќе од една деценија што ја имавме да ја зголемиме нашата партија и да ги пречекаме новите либерали – вклучително и Канаѓаните загрижени за иднината на нашата земја – да ја искористиме!“,
се вели во објава од Кларк на социјалните мрежи.
After a lifetime of public service Justin Trudeau has stepped aside as both Leader of the Liberal Party and Prime Minister of Canada. I want to thank him as a Canadian for his service to the country that he so clearly loves. I wish him and his family well.
— Christy Clark (@christyclarkbc) January 6, 2025
As a lifelong Liberal…
Меѓу другите кандидати за наследување на функцијата на Трудо во партијата и во државата се споменуваат и поранешната вицепремиерка Кристија Фриланд, Мелани Џоли, министерката за надворешни работи, и Доминик Лебланк, министер за финансии и меѓувладини работи.
