На крајот на октомври 2000 година како премиер на Грција го посети Скопје за време на Конференцијата на балканските земји и се сретна со тогашниот македонски премиер Љубчо Георгиевски. Според пишувањата на медиумите од тој период, претседателите на двете влади тогаш интензивно разговарале за постигнување решение за името на нашата држава
На 88-годишна возраст утрово почина поранешниот премиер на Грција и поранешен лидер на ПАСОК, Костас Симитис, пренесуваат грчките медиуми.
Тој беше првиот грчки премиер кој во 2000 година го посети Скопје на Конференцијата на балканските земји.

Тој беше премиер во периодот од јануари 1996 до март 2004 година, а меѓу најважните успеси е членството на Грција во еврозоната. Неговиот осумгодишен премиерски мандат беше поврзан и со големите инфраструктурни проекти за подготовка на Олимписките игри во Атина во 2004 година и интеграцијата на Кипар во Европската Унија.
На крајот на октомври 2000 година како премиер на Грција го посети Скопје за време на Конференцијата на балканските земји и сее сретна со тогашниот македонски премиер Љубчо Георгиевски. Според пишувањата на медиумите од тој период, претседателите на двете влади тогаш интензивно разговарале за постигнување решение за името на нашата држава.
Во времето кога беше премиер, Симитис ја истакнуваше потребата да се најде решение на спорот меѓу двете земји. При еден од неговите говори во Солун пред неколку години, зборувајќи за Договорот од Преспа, рече дека проблемот требало да се реши, но дека решението не е задоволително.
Симитис во Грција важеше за умерен политичар.
Во неговата политичка кариера, пред да стане премиер, беше министер за финансии, за трговија, за образование, за индустрија и енергија, а од 1985 до 2009 година беше пратеник во грчкиот парламент.
Погребот на Симитис, како што пренесуваат грчките медиуми, ќе биде извршен на 9 јануари во Атина.
