Директорот на црногорската полиција вели дека Мартиновиќ цел ден пиел во локалот, по што дошло до вербална препирка со дел од гостите и до тепачка меѓу него и еден од нив. По тепачката тој излегол од локалот и се вратил со оружје со кое го избршил злосторството. Според него се работи за опасно, безобѕирно и брутално лице кое крвавиот пир не го завршило во локалот, туку лицата ги усмртил на повеќе локации
Припадниците на црногорската војска и на специјалните единици на полицијата трагаат по Ацо Мартиновиќ, сторителот на повеќекратното убиство кое попладнето се случи во еден ресторан во Цетиње. Според информациите кои ги соопшти министерот за внатрешни работи на Црна Гора Данило Шарановиќ, во масакрот кој го предизвикал Мартиновиќ, животот го загубиле најмалку десет лица, меѓу нив и две деца. Тешко ранети се четири лица, за чии животи се борат лекарски тимови од Клиничкиот центар во Подгорица.

„За жал, меѓу загинатите има и две малолетни лица, деца на сопственикот на ресторанот во кој се случи масакрот. Настрадале и членови на семејството на убиецот. Причина за крвавиот инцидент биле нарушени меѓучовечки односи и не станува збор за престрелка меѓу организирани криминални групи“,
изјави министерот за внатрешни работи на Црна Гора Данило Шарановиќ.
Од Клиничкиот центар во Подгорица известија дека три од четирите повредени лица се оперирани и се префрлени во Одделот за интензивна нега, додека операцијата на четвртоповредениот, заради карактерот на повредите ќе трае до доцна во ноќта.
„Морам да кажам дека повредени на сите четири лица се животно загрозувачки, но ја следиме нивната состојба. Виталните параметри засега им се задоволувачки“,
рече вечерва директорот на Клиничкиот центар во Подгорица Александар Радовиќ.
Злосторството започнало во ресторанот „Велестово“ во близина на Спортскиот центар во Цетиње а продолжило и надвор од него.
Директорот на црногорската полиција Лазар Шќепановиќ истакна Мартиновиќ на четири локации ги усмртил десетте лица.
„Цел ден пиел во локалот. Дошло до вербална препирка со дел од гостите и до тепачка меѓу него и еден од нив. По тепачката тој излегол од локалот и се вратил со оружје со кое го избршил злосторството. Се работи за опасно, безобѕирно и брутално лице“,
вели Шќепановиќ.

Полицијата упати апел да жителите на Цетиње да останат присебни и да не излегуваат од своите домови се додека единиците кои трагаат по извршителот не ја стават состојбата под контрола и не го приведат осомничениот Мартиновиќ.
Црногорските власти соопштија дека на вечерашната вонредна седница Владата решила да го прогласи тродневна жалост. Поради трагичниот настан во Цетиње, откажани се новогодишните концерти во Подгорица, Будва и Котор. Премиерот Спајиќ ги повика другите општини да ги откажат сите настани на отворено.