Извори од МВР потврдуваат за „360 степени“ дека од 15 полицајци од ист тим речиси половина се позитивни на коронавирусот, од кои четворица биле на одбележувањето на Денот на полицијата
Најмалку седуммина припадници на МВР се позитивни на коронавирусот, поради што, по препорака на здравствените власти, се затвора одморалиштето во Охрид каде што биле сместени, дознава „360 степени“.
Според извори од МВР, седумтемина полицајци за кои е потврдено дека се заразени со ковид-19 се од Единицата за брзо распоредување (ЕБР). Тие биле испраќани како засилување на СВР-Охрид и ротирале на неколку дена.
Во тимот од 15 полицајци дури седуммина се заразени, поради што, по препорака на Институтот за јавно здравје, сите лица од одморалиштето во Охрид, меѓу кои има и припадници на Армијата, како и персоналот во објектот и припадниците на ЕБР одат во самоизолација. Објектот е веднаш затворен.
Четворица од седумтемина заразени полицајци присуствувале на прославата за Денот на полицијата, на 7 мај, како што објави вечерва и вицепремиерката Радмила Шекеринска. За оваа прослава, Владата бараше одговорност од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, поради непостпување согласно со препораките на здравствените власти за избегнување масовни собири.