„Враќањето на нашиот народ од руско заробеништво е секогаш многу добра вест за секој од нас. И денес е еден од таквите денови. Нашиот тим успеа да донесе 189 Украинци дома“, напиша Зеленски на апликацијата за пораки Телеграм
Руското Министерство за одбрана, исто така, објави дека е извршена размена на затвореници, велејќи дека бројот на ослободени е 150 на секоја страна. Засега нема објаснување за несовпаѓањето во бројот на ослободени заробеници
Русија и Украина извршија уште една размена на воени заробеници со посредство на Обединетите Арапски Емирати, јавуваат светските агенции.

Во размената, како што се наведува, двете страни ослободиле и размениле повеќе од 100 воени заробеници.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја потврди размената во објава на платформата Телеграм, објавувајќи дека 189 Украинци се вратиле дома како резултат на операцијата.
Зеленски им се заблагодари на Обединетите Арапски Емирати и на другите партнери за посредувањето во размената.
Тој наведе дека меѓу Украинците кои се враќаат има војници, наредници и офицери од различни области на фронтот, како и двајца цивили кои биле заробени во јужното пристаниште Мариупол, пренесува Ројтерс.
„Враќањето на нашиот народ од руско заробеништво е секогаш многу добра вест за секој од нас. И денес е еден од таквите денови. Нашиот тим успеа да донесе 189 Украинци дома“,
напиша Зеленски на апликацијата за пораки Телеграм.
Во објавата, во која се споделени и фотографии од насмеани војници како седат во автобус, тој додава дека Украина продолжува да работи на ослободување на сите оние што се држат во руско заробеништво.
Руското Министерство за одбрана, исто така, објави дека е извршена размена на затвореници, велејќи дека бројот на ослободени е 150 на секоја страна. Засега нема објаснување за несовпаѓањето во бројот на ослободени заробеници.
„На 30 декември, како резултат на преговарачкиот процес, 150 руски војници беа вратени од територијата под контрола на режимот во Киев. За возврат беа предадени 150 воени заробеници на украинската армија“,
соопшти руското Министерството во изјава што ја пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Во соопштението на руските власти се наведува дека 150 руски војници се евакуирани во Белорусија, каде што добиле медицинска и психолошка помош и можност да контактираат со своите роднини.
„Сите ослободени војници ќе бидат испратени во Руската Федерација на лекување и рехабилитација во медицинските установи на Министерството за одбрана на Русија“,
се додава во соопштението, во кое се истакнува помошта од ОАЕ.
Русија и Украина досега спроведоа 59 целосни размени на затвореници од почетокот на војната.
Во меѓувреме, од утринските часови денеска до 16 часот на бојното поле се регистрирани 104 битки, соопшти Генералштабот на украинската армија. Повеќе од половина од борбите се воделе во областите околу Покровск, Курахив и Времовско.
Во окупираната од Русија украинска област Керсон, според тамошниот гувернер назначен од Кремљ, во напад од страна на украинските сили била погодена болница, при што загинал еден лекар, а друг бил ранет.
Рускиот гувернер Владимир Салдо ги обвини западните воени поддржувачи на Украина дека учествувале во нападот што се случи во градот Олешки, кој е под руска контрола.

Киев веднаш не ги коментираше ваквите наводи, но негира дека цел на нападните се цивили во областите под руска контрола.
Како што продолжуваат борбите, американскиот претседател Џо Бајден денеска најави нов пакет воена помош за Украина во вредност од 2,5 милијарди.
Неколку часа подоцна, американското Министерство за финансии објави посебна исплата на Украина од 3,4 милијарди долари како директна буџетска поддршка.
Бајден ги користи последните недели од својата функција за да ја зголеми воената поддршка за Киев, пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата на 20 јануари.
