Врз основа на обработени 99,67 проценти од избирачките места, Милановиќ има 49,11 отсто од гласовите, а кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Драган Приморац, е далеку зад него со 19,37 отсто
Според последните податоци на хрватската Државна изборна комисија (ДИК), врз основа на обработени 99,67 проценти од избирачките места, актуелниот претседател и кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Зоран Милановиќ, се уште води убедливо, но падна под 50 отсто од гласовите, што значи дека Хрватска сепак се приближува до вториот круг од претседателските избори.
Милановиќ во моментов има 49,11 отсто од гласовите, а кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Драган Приморац, е далеку зад него со 19,37 отсто.
Независната кандидатка Марија Селак Распудиќ освои 9,24 отсто, а Ивана Кекин од Можеме – 8,87 отсто.

Останатите кандидати на изборите се Миро Буљ од десничарската конзервативна партија Мост, Бранка Лозо, која стои зад десничарската партија Дом и Национален собир (ДОМИНО) и независните кандидати Томислав Јоњиќ и Нико Токиќ Картело.
Денеска до 19 часот во Хрватска беа отворени повеќе од 6 500 избирачки места во земјата и во 38 други држави, каде право на глас имаа над 3,7 милиони гласачи.
Доколку ниту еден од кандидатите не освои повеќе од 50 отсто од гласовите на избирачите кои излегле на гласање, двајцата кандидати со најмногу гласови влегуваат во вториот круг за две недели.
