Со оглед на кризната состојба, кратењето на непродуктивните трошоци треба да биде радикално и одлучно, се наведува во коментар за неодамнешниот ребаланс на буџетот за 2020 година
Ребалансот на буџетот што Владата го усвои на 15 овој месец за „Фајнанс тинк“ е очекуван, но е донесен со значајно задоцнување, во контекст на потребата да ја демонстрира посветеноста на власта за кратење на сите неподуктивни трошења и трошења што изгубија приоритет во кризната состојба.
Во коментар посветен на ребалансот на буџетот, „Фајнанс тинк“ истакнува дека ревидираната проекција за пад на економијата од 3,4 отсто е коректна и во линија со предвидувањето на оваа организација од 11 април 2020 година. Сепак, сметат дека оваа стапка е со понатамошни надолни ризици, што негативно може да се рефлектира и врз приходната страна на буџетот во третиот и четвртиот квартал, што може да предизвика потреба од втор ребаланс.
„Фајнанс тинк“ посочува дека падот на даночните приходи е резултат на намалената економска активност, но оти, истовремено, ризикот од пораст на даночната евазија е нагласен. Оттука, според нив, неопходно е во следниот период фокусот да се стави врз засилена контрола и санкционирање на даночната евазија.
За буџетскиот дефицит сметаат дека е очекуван и е директен резултат на негативните последици врз економијата од појавата на ковид-19.
„Тоа наметнува и потреба за изготвување оптимален план за негово финансирање во тековната година, но и редизајнирање на планот за среднорочно финансирање на јавниот долг. Неминовно, задоволувањето на оваа голема потреба од финансирање ќе ја наметне и потребата да се дискутира за ревидирање на даночни стапки по стивнувањето на првиот удар на кризата“,
се наведува во анализата.
За расходите наменети за ковид-19 сметаат дека се коректно димензионирани, кратењето на вкупните расходи е недоволно, а приоритизацијата во намалувањето на трошењата во зависност од нивното развојно значење не е рефлектирана во ребалансот на буџетот. Напротив, очигледниот напор да не се скратат ставки на тековни трошења, од кои дел се сметаат за непродуктивни, може да се толкува како предизборен потег.
Посочуваат дека, со оглед на кризната состојба, кратењето на непродуктивните трошоци треба да биде радикално и одлучно, не само за да осигура фискален простор за финансирање на мерките
поврзани со ковид-19, туку и да испрати јасен сигнал кон економските агенти дека државата води посветена и конзистентна фискална политика во услови на криза.
Од „ Фајнанс тинк“ во коментарот наведуваат дека за очекување е дека поради воведените рестриктивни мерки и новонастанатата кризна состојба, активностите за реализација на дел од
капиталните расходи ќе забават.
