Пад од 3,8 проценти на македонската економија за тековната година прогнозира Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.
Според нив, се очекува најголем интензитет во вториот квартал за кога се проектира намалување на БДП од 12,7 проценти, а следните квартали да забележат економска консолидација.
Проекцијата е изготвена врз основа на повеќе претпоставки. Земени предвид се и мерките за спречување на ширењето на ковид-19 кои ќе останат на сила во целосен интензитет најмалку до крајот на месецов, по што ќе следува постепено олабавување до втората половина на следниот месец.
„Фирмите во секторите угостителство, хотелиерство и трговија на мало кои беа затворени, позначајно ќе ја вратат својата активност кон средината или крајот на мај 2020 година. Фирмите кои се дел од меѓународните синџири на снабдување постепено ќе ја воспостават меѓународната трговија во првата половина од јуни 2020 година. Мерките за помош на фирмите од Владата кои се објавени досега ќе бидат во полна имплементација најдоцна до почетокот на следниот месец оневозможувајќи нагло скок на невработеноста (отпуштање на работниците, наместо нивно задржување со помош на владините мерки)“,
се дел од претпоставките врз кои е изготвена проекцијата на „Фајнанс тинк“.

Предвиден е и потенцијалниот недостиг на средства за финансирање на објавените мерки и нови мерки кои евентуално би биле донесени ќе бидат обезбедени навремено од домашни или меѓународни извори на финансирање. Така што, довербата на економските агенти во носителите на економските политики, според „Фајнанс тинк“ нема да се соочи со драстични падови.
Поради големата неизвесност во проектирањето, додаваат од „Фајнанс тинк“, интервалот на доверба на погорните проекции е поголем од вообичаено.
„Секое отстапување од претпоставките ќе ги измести и погорните проекции. Поскоро олабавување на рестрикциите од здравствените власти ќе го намали проектираниот пад. Пролонгирање на овие рестрикции, особено во услови на забрзување на растот на бројот на заразени лица, ќе го зголеми проектираниот пад“,
велат од „Фајнанс тинк“.