„Тогаш кога цел свет слави, мора да покажеме дека нема причина за славење во оваа земја, не пред правдата“, велат организаторите на протестите во Белград

Студентите во Белград најавија нов масовен протест што треба да се одржи на новогодишната ноќ, на 31 декември, во главниот град на Србија. Најавено е дека протестот ќе почне во Пионерскиот парк.
Протест ќе биде најновиот во серијата масовни студентски протести на кои се бара одговорност за трагедијата на железничката станица во Нови Сад во која при пад на бетонска натстрешница загинаа 15 лица.
Како што се наведува во официјалното соопштение за блокадите од Архитектонскиот, Математичкиот, Хемискиот и Земјоделскиот факултет, не смее да се дозволи разводнување на студентските блокади и, како што велат, не смее на светот да му се испрати порака дека празниците на студентите им се над борбата на листата на приоритети.
„Тогаш кога цел свет слави, мора да покажеме дека нема причина за славење во оваа земја, не пред правдата“,
се нагласува во соопштението.
Студентите соопштија дека собирот на граѓаните започнува во Пионирски парк од 22:30 до 23:00 часот. Од 23 часот почнува прошетката до Студентскиот плоштад, со бучава и со запалени светилки.
Студентите велат дека самата новогодишна ноќ ќе биде исклучиво тивка бидејќи, како што нагласија, во 23 часот и 52 минути ќе започне 15-минутниот молк во чест на 15 жртви во трагедијата што се случи на 1 ноември годинава во Нови Сад.
По оддавањето почит, најавени се студентски перформанси. Организаторите особено истакнаа дека собирот претставува натпартиска, студентска иницијатива.
