„Ако ме прашате дали ја видов дипломата, не, не ја видов, но и нема потреба. Јас како министер морам да имам доверба особено во инспектори за кои сум слушнала од нивните колеги дека чесно си ја вршат работата“, вели министерката

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека не е најден никаков проблем со образованието на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.
До овој заклучок Јаневска дошла откако го прочитала извештајот на Државниот просветен инспекторат за дипломата на директорот и во кој не видела ништо проблематично.
Јаневска во вечерашното гостување во „Топ тема“ на телевизија Телма рече дека освен што го прочитала извештајот, дипломата на Христовски не ја видела, но вели дека немало ни потреба од тоа.
„Да, го побарав извештајот за дипломата на директорот на АНБ и од она што го прочитав навистина нема проблем со неговото образование. Но, ако ме прашате дали ја видов дипломата, не не ја видов, но и нема потреба. Кога одите во банка вие ги оставате своите средства на доверба на банката. Јас како министер морам да имам доверба, особено во инспектори за кои сум слушнала од нивните колеги дека чесно си ја вршат работата. Секаде има луѓе кои подобро или послабо ја вршат работата, и онака како што беше направен записникот, јас не можам да кажам дека таму има некаков проблем“,
рече Јаневска.
За случајот со (не)законитоста на именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност расправаше и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Случајот беше отворен поради сомневањата за валидноста на неговата факултетска диплома и на ТОЕФЛ-сертификатот за познавање на англискиот јазик.
Антикорупционерите одлучија да ја запрат, да ја затворат и архивираат постапката по иницијативите со кои се спореше именувањето на Бојан Христовски.
Комисијата се прогласи за ненадлежна да одлучува, односно да врши директна експертиза на ТОЕФЛ-сертификатот на Христовски за познавање на англискиот јазик, како и за дипломата од Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, а кои предизвикаа најголемо внимание во јавноста, особено сертификатот издаден во Пловдив, Бугарија.
За оспорената факултетска диплома, според ДКСК, надлежна институција што ги утврдува фактите е Државниот просветен инспекторат (ДПИ).
Предметот на седница го реферираше антикорупционерката Цвета Ристовска која изминативе денови е во фокусот на јавноста откако во медиумите се објави информацијата дека таа врши две функции. Едната како антикорупционер, а другата како дел од наставниот кадар на Универзитетот за туризам и менаџмент „Скопје“, од кој диплома има Христовски.
На Ристовска како членка на ДКСК ѝ бил доделен предметот за директорот на АНБ во кој по анонимна претставка беше оспорена и факултетската диплома на Универзитетот „Скопје“, која ја пријавил Христовски за да исполни услови за врвна безбедносна позиција во тајната служба.
Но, иако е дел од наставниот кадар на истиот Универзитет, Ристовска не се откажала од предметот за директорот на Агенцијата. На седницата на ДКСК, таа уверуваше дека просветниот инспекторат не нашол ништо спорно во факултетската диплома издадена на Универзитетот каде што таа е дел од наставниот кадар.
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска вели дека предметите до Комисијата се распределуваат електронски и оти Цвета Ристовска нема склучено договор за финансиски надоместок со Универзитетот за туризам и менаџмент и не е член на наставниот кадар.
Оттаму сметаат дека не постои никаков судир на интерес, бидејќи таа нема никаква поврзаност со Универзитетот за туризам и менаџмент „Скопје“ бидејќи нејзината соработка со Универзитетот била на ниво на гостин предавач и никогаш за финансиски надомест или друг тип договорна соработка.
Инаку, „360 степени“ објави серија стории во врска со спорниот ТОЕФЛ-сертификат на Христовски, издаден од училиште „Јулија Ко.“ од Пловдив, Бугарија.
Од судски пресуди, во кои имавме увид, произлезе дека две директорки на јавни установи, по признание на вина, биле осудени на условни казни од две години затвор поради тоа што употребиле документ со невистинита содржина, односно ТОЕФЛ-сертификати токму од „Јулија Ко.“ од Пловдив.
Случајот со двете директорки завршил на суд по кривична пријава од Министерството за внатрешни работи (МВР) во време кога со него раководеше Панче Тошковски.
Бевме и во Пловдив. Но, таму го немаше ниту училиштето, ниту неговите сопственици. Дополнително, според документите достапни во бугарскиот трговски регистар, утврдивме дека фирмата „Јулија Ко.“ нема деловна активност најмалку од 2019 г. наваму, така што не би можела да издаде сертификат во 2022 г., од кога датира оној на Бојан Христовски.
