Можеби звучи проблематично што локалните власти најмуваат адвокати и покрај тоа што имаат вработени правници, но вистинската дилема е – на кој начин се избира адвокатско друштво? Директниот одговор е дека правила нема. Се најмуваат адвокати и по принципи како – така избра градоначалникот, избран е препорака или по слободен избор, открива истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Единствениот градачалник кој ни се нафати да говори на темата беше Орце Ѓорѓиевски, од Кисела Вода. Признава дека недостасуваат интерни процедури при изборот на адвокати, но вели дека општината води грижа да не троши многу по тој основ и дека ќе развие интерни процедури
Ивица Коневски е името на човекот кој во два мандата беше градоначалник на скопската Општина Аеродром, како кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Откако ги загуби изборите во 2017 година, отвори адвокатска канцеларија и оттогаш се занимава со адвокатура.
Општина Кисела Вода во последниве три години ја води Орце Ѓорѓиевски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Кога оваа локална самоуправа бирала адвокат за своите потреби, го избрала токму адвокатското друштво „Коневски“.

Градоначалникот на општината вели – изборот е направен поради портфолиото и екипираноста на адвокатското друштво, а не поради политички конекции.
„При изборот на адвокатската канцеларија не како индивидуално лице, спремноста на тимот со којшто ќе не застапува, односно колку луѓе има на располагање, портфолиото на адвокатската канцеларија односно она што го ефектуирала како успешност при застапување странки, така да мислам дека добар избор сме направиле со овој избор. Добро е да се забележи дека како општина сме некаде најдолу на листата по однос на износот којшто го исплаќаме“,
вели градоначалникот на општината.
Иако Ѓорѓиевски уверува дека адвокатското друштво „Коневски“ е избрано по заслуга, тој признава дека општината нема јасна процедура кога бараат адвокатски услуги. Вели дека веќе почнале со подготовка на таков документ.
„Разговаравме со мојот правен тим за интерен правилник којшто би се усвоил со одлука на совет. Разговаравме и со дел од советничките групи и мислам дека во почетокот на наредната година може да се случи еден таков правилник“,
изјави Ѓорѓиевски.
Случајот со Општина Кисела Вода и адвокатското друштво „Коневски“ го употребивме само како пример за отсуството на критериуми кај државните органи кога најмуваат адвокати. Градоначалникот Ѓорѓиевски беше и единствениот што се нафати да говори јавно, од неколку градоначалници што ги побаравме.
А причината поради која баравме соговорници е неодамна објавеното истражување на Центарот на граѓански комуникации.
Од Центарот пресметале дека само лани, од општинските и од државниот буџет, се исплатени околу два милиона и сто илјади евра кон адвокатски друштва. Дел од исплатите се поради изгубени спорови и извршни решенија.
Но, дел се за адвокатски услуги што ги барале самите органи.
„Недостасуваат јасно пропишани интерни процедури врз основа на коишто единиците на локална самоуправа и министерствата ги избираат овие адвокати“,
вели Марко Митевски од Центарот за граѓански комуникации.

Кога се во прашање општините, од 81 единица на локалната самоуправа, 72 имаат ангажирано адвокати. Тие, лани, имаат потрошено околу еден милион и сто илјади евра, од кои 40% се услуги за адвокати кои сами ги ангажирале.
Митевски истакнува дека само две општини спровеле некаква постапка за избор, но дури и тие немаат јасна интерна процедура. Кога, пак, тие ги прашувале општините – врз основа на кои критериуми го избрале адвокатот, добивале одговори кои воопшто не оставаат впечаток на објективна постапка.
„Имаше најразлични одговори, како на пример дека самиот градоначалник го избрал адвокатот, дека адвокатот е избран со непосредна спогодба, дека е избран од именикот на адвокати, по слободен избор, по нечија препорака или причини како тоа дека тој адвокат има канцеларија на територијата на општината. Само две од општините одговорија дека постои некаква постапка за избор но и кај нив недостасува јасна процедура“,
изјави Митевски.
Парите за адвокати не се секогаш исплатени за ангажман, туку и за исплата по спорови и извршни решенија. Така, кога се ќе стави на еден куп, Град Скопје и Општина Гази Баба се предводници во средствата кои ги исплатиле кон адвокати по кој било основ. Град Скопје исплатил 214 000 евра, додека Гази Баба 123 000 евра.

Се обративме до Град Скопје и општина Гази Баба за одговор по кој правилник тие ги избираат правните застапници, како и тоа, за кои спорови овие две единици на локалната самоуправа исплаќале средства на адвокати, но одговор не добивме.
Ако за репер се земат адвокатските канцеларии, вкупно 417 наплатиле барем денар од некоја општина. На врвот на листата е адвокатот Влатко Ристовски од Скопје кој наплатил вкупно 103 илјади евра од општините Гази Баба и Карпош. Втора е адвокатката Билјана Панова, која наплатила 49 илјади евра од Град Скопје. Трето е Адвокатско друштво Стојановска-Димитровски од Крива Паланка, кое од осум општини наплатило околу 39 илјади евра.
Ниту Ристовски, ниту Панова не сакаа во камера да ги коментираат податоците од истражувањето.

Кога се во прашање министерствата, минатата година потреба од адвокат имале само две министерства – за надворешни работи и за одбрана. Другите исплаќале на адвокат по други основи, а логично, најмногу пари потрошило Министерството за финансии за функционирање на државата, како судски, извршни решенија и камати.

Или, од сметката на Финансии, исплатени се 834 000 евра на 327 адвокати. Тоа е удел од 82% од парите што сите министерства заедно ги исплатиле на адвокати. Следува Министерството за правда со исплати вредни околу 56 000 евра, а трето на листата е Министерството за труд и социјална политика со исплати од околу 35 илјади евра.
Освен што исплатило најмногу, Министерството за финансии било еден од ретките органи што одбиле да одговорат на Барањето за пристап до информации од јавен карактер од Центарот за граѓански комуникации.
„За ова истражување беа поднесени 11 жалби до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, од кои осум за општините, три за министерствата. Сите жалби беа усвоени. Таа ги задолжи имателите да ни достават одговори. Ни одговорија сите, а не ни одговорија Министерствата за информатичко општество, за Политички систем и за Финансии. Тие поднесоа жалба до Управниот суд којашто беше отфрлена“,
дополнува Митевски.
Став побаравме и од Адвокатската комора. Меѓу другото, не интересираше дали немањето процедури влијае на создавање нелојална конкуренцијата меѓу адвокатите. До објавувањето на оваа сторија не добивме одговор.
Така што, останува документот на Центарот за граѓански комуникации и евентуално свесноста на индивидуални носители на власта дека е време да се воведат јасни процедури – како се бираат адвокати, штом веќе Законот за јавни набавки не го регулира ова прашање.