Во мислењето на Комисијата за заразни болести во врска со изборниот процес не се зема предвид само бројот на заразени туку и други фактори, вели министерот за здравство Венко Филипче прашан како го коментира тоа што во последните неколку дена, ако се изземе бројот на тестирања во градинките, во просек 10 проценти од бројот на тестирани лица се позитивни на ковид-19, а Комисијата за заразни болести беше со став дека тој мора да биде околу 5 или под 5 проценти за да има избори.
„Тоа се 7-8 фактори: бројот на пациенти во болниците, слободни кревети, бројот на пациенти кои се на респиратори, бројот на пациенти во тешка клиничка слика, процентот од пациентите кои знаеме како се заразиле и секако R-0 факторот. Тоа што ни укажува дека и покрај тој нешто зголемен број на дијагностицирани пациенти е што многу други параметри во многу градови опаѓаат. Врз основа на тоа ја донесовме денешната одлука за Куманово. Тоа се повеќе фактори кои се евалуираат, а ние согласно тоа го направивме и планот. Во документот од Пендаровски апсолутно стои дека треба се избегнуваат големи собири и дека мора да се придржуваат до правилата кои сега важат. Апсолутно препорака е големи настани собири да не се одржуваат и тоа е јасно ставено во тој документ“,
рече Филипче.
Тој вели дека на сите собори мора да се почитуваат мерките, меѓу кои и да се држи дистанца од 1,5-2 метри.
Прашан кој е ставот на Комисијата за тоа дали треба да има избори, Филипче вели дека тие не се надлежни да кажуваат датум за избори, туку тоа е работа на лидерите бидејќи изборите имаат повеќе аспекти.
„Она што беше побарано од Комисијата е да се изработи тој протокол. Експертите го изработија, ги земаа предвид сите аспекти. Во однос на тајмингот на изборите ние не сме надлежни тоа да го кажеме затоа што изборите имаат повеќе аспекти, од нас се побара да се разработат здравствени аспекти во смисла на имплементација на протоколите“,
рече Филипче.
Сепак, тој го посочи и тоа дека сметаат дека периодов е поповолен за избори во однос на тоа што би следело понатаму бидејќи ризикот ќе биде зголемен зашто ќе се отворат границите, а наесен и училиштата, како и сезонскиот грип.
