Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев изјави дека според информациите што ги добил, авионот го променил курсот поради лошите временски услови. Сепак, посочи и дека причината за несреќата е сè уште непозната и мора целосно да се истражи
Во несреќата предизвикана од падот на патничкиот авион кој вчера се урна во близина на градот Актау, Казахстан, загинаа 38 лица, а 29 се преживеани, но голем дел од нив се во животозагрозувачка состојба, соопштија денеска казахстанските власти. Меѓу преживеаните има и две деца.
Казахстанското Министерство за транспорт соопшти дека во авионот имало државјани на пет земји, 37 Азербејџанци, 16 Руси, шест државјани на Казахстан, тројца Киргистанци.

Сепак, сè уште нема официјални информации зошто авионот на компанијата „Азербејџан ерлајнс“, кој летал од главниот град Баку за Грозни, Русија, скршнал стотици километри од планираната рута и се урнал на спротивниот брег на Каспиското Море.
Како што соопшти руската авијациска инспекција, вонредна ситуација во авионот можеби била предизвикана од судир со јато птици.
Според Ројтерс, официјалните лица немаат објаснување зошто авионот го преминал морето, па потоа се урнал, но се посочува дека несреќата се случила набргу откако нападите со беспилотни летала го погодиле јужниот дел на Русија.
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, изјави дека според информациите што ги добил, авионот го променил курсот поради лошите временски услови. Сепак, посочи и дека причината за несреќата е сè уште непозната и мора целосно да се истражи.
„Ова е голема трагедија и голема тага за азербејџанскиот народ“,
рече тој.
Комерцијалните веб-страници за следење летови го снимиле авионот кој пред да исчезне се движел кон север по неговата планирана рута на западниот брег. Подоцна повторно се појавува на источниот брег, кружејќи во близина на аеродромот Актау пред да се урне.
Казахстанските власти објавија дека е формирана владина комисија да ги истражи причините за авионската несреќа, а нејзините членови добиле наредба да отпатуваат до местото на несреќата и да се погрижат семејствата на загинатите и повредените да ја добијат потребната помош.
