Без струја останале околу 140 илјади домаќинства во Федерацијата Босна и Херцеговина, а во западниот дел на Република Српска струја немаат повеќе од 50 илјади домаќинства
Повеќе од 200 илјади домаќинства во Босна и Херцеговина останаа без струја поради дефекти предизвикани од обилните врнежи од снег, пренесува босански „Н1“.

Без струја останале околу 140 илјади домаќинства во Федерацијата Босна и Херцеговина, а во западниот дел на Република Српска струја немаат повеќе од 50 илјади домаќинства.
Од Електропривреда БиХ велат дека најтешка е ситуацијата во Унско-санскиот кантон (УСК), Тузланскиот кантон (ТК) и Зеничко-добојскиот кантон (ЗДК).
Снегот го отежнува сообраќајот во поголем дел од Босна, додека во Херцеговина патиштата се влажни.
Така, поради обилни врнежи од снег, во прекин е сообраќајот за сите категории возила на седум патни правци, како Гламоч-Млиниште, Босанско Грахово-Дрвар-Босански Петровац, Дрвар-Гламоч, Купрес-Благај, Котор-Варош-Теслиќ (Борја), Бања Лука- Кнежево и Босански Петровац-Кључ .
Посебно предупредување има за делниците над планинските превои.
Најкритична е состојбата на поширокото подрачје на Дрвар, каде на пат кон Босански Петровац вчеравечер снежно невреме завеја колона возила во која имаше 70 лица, меѓу кои и деца.
