„Затоа што ако е поинаку, ако се чесни пред себе, пред својот народ и пред Бога, ќе се вратеа и ќе се соочеа со соодветните обвинувања коишто ги имаат“, рече Тошковски во вечерашното гостување во Девникот на ТВ Сител
Тој потврди дека ексдиректорот на ЕСМ, кој е осомничен во предметот „Адитив“, ја напуштил државата пред да биде отворен случајот, односно како што кажа: „Многу време пред да се преземат соодветните дејствија од аспект на претреси итн“
Како Артан Груби, така и ексдиректорот на државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски е бегалец од правдата, смета министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Ковачевски е еден од дваесет и тројцата осомничени во истрагата под кодно име „Адитив“ што неодамна ја отвори Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за криминал тежок 6,5 милиони евра.
Во моментов Ковачевски е недостапен за органите на прогонот и се наоѓа надвор од државата. Но, по него, за разлика од поранешниот висок владин и партиски функционер Артан Груби кој е осомничен во друг случај, не е распишана меѓународна потерница.
На прашањето дали има информации каде се наоѓа ексдиректорот на ЕСМ, Тошковски во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител, избегна да даде одговор.
Потврди дека Ковачевски ја напуштил државата пред да биде отворен случајот, односно како што кажа: „Многу време пред да се преземат соодветните дејствија од аспект на претреси итн“.
На забелешка на новинарката дека тоа може да се смета за различна ситуација во однос на случајот со Груби, кој избега два дена откако бил ставен на стоп листата на МВР на граничните премини, Тошковски рече дека е факт оти и едното и другото лице се бегалци од правдата.
„Затоа што ако е поинаку, ако се чесни пред себе, пред својот народ и пред Бога, ќе се вратеа и ќе се соочеа со соодветните обвинувања коишто ги имаат“,
додаде министерот.
Наместо одговор дали има информации каде се наоѓа Ковачевски, Тошковски се осврна на случајот „Адитив“, за кој рече дека е многу интересен предмет од аспект на дрскоста со која одредени државни функционери го краделе својот народ и му правеле двојна штета.
„Таму се осомничени поранешен директор на ЕСМ, поранешен директор на РЕК Битола, поранешен директор на комерција во рамки на ЕСМ, истовремено истиот бил поранешен директор на АД „Пошти“ ако добро паметам и поранешен директор на ТЕЦ Неготино. Пазете што правеле овие. Ај што фиктивно се креирале одредени понуди за да се оправда цената којашто е крената трипати повеќе од реалната на одреден адитиви, ај што претходно таков адитив никогаш не бил набавуван, ај што се потрошени 6,5 милиони евра, а реално пазарна вредност би била некаде помеѓу 1,5 до 2 милиони евра, тоа го имаше и во рамките на одредени истражувачки новинарски документарци објавено, па уште одозгора адитивот којшто го набавиле, кога го употребиле, предизвикал да не работат блоковите. Деведесет и пет проценти од вкупниот адитив којшто е набавен никогаш не е ни употребен. Замислете каква штета имаат предизвикано, а притоа граѓаните плаќаат струја таква каква што плаќаат, поскапа од онаа што треба да ја плаќаат. Колку дрско си го краделе својот народ и сега дел од нив се бегалци од правдата“,
рече Тошковски.
Говорејќи во тој контекст, министерот за внатрешни работи кажа дека се водат огромен број постапки во однос на огромен број поранешни функционери и со текот на времето, како што додаде, сите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
„Ќе бидат соочени со правдата, слушајте ми го зборот“,
рече министерот.
Прашан за најавите кои стигнаа од премиерот, Христијан Мицкоски дека ќе има и други случаи поврзани со Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Тошковски беше краток во одговорот, велејќи дека јавноста за нив ќе дознае за кратко време.
„Да речеме дека јавноста ќе знае за брзо. Кога ќе дојде време ќе знае јавноста. Нема да биде тоа за две-три години сигурно, многу побрзо ќе дојде“,
кажа тој.
Во акцијата под кодното име „Адитив“, која беше реализирана на 10 декември осомничени се вкупно 23 лица, од кои дел се поранешни директори на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.
Меѓу осомничените се најдоа и имињата на двајцата ексдиректори на ЕСМ, Васко Ковачевски и Васко Стефанов.
Стефанов дента кога беше објавена акцијата беше надвор од државата, но се врати по што беше уапсен и во моментов издржува мерка притвор, со уште осуммина од осомничените.
Неговиот претходник на функцијата директор на ЕСМ, Васко Ковачевски сè уште е недостапен. Инаку, за него, како што беше кажано на брифингот со новинарите во Јавното обвинителство на РСМ на 11 декември, нема докази дека бил дел од организаторите на групата и не е осомничен за ниту едно од кривичните дела за кои се товарат другите дваесет и двајца.
Имено, тој е осомничен за кривичното дело несовесно работење во службата, за разлика од другите, чиј опсег на кривични дела што им се ставаат на товар оди од злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело.
Името на Ковачевски, според шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, последно испливало во истрагата и тоа само неколку дена пред спроведувањето на акцијата.
На Ковачевски судот, на предлог на Обвинителството, му одреди мерки за претпализвост, какви што добија уште 13 од осомничените во „Адитив“.
Инаку, случајот потекна од новинарска сторија на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), која првиот текст за сомнителната зделка во Електрани на Северна Македонија ја објави кон крајот на февруари годинава.