Американски борбен авион е соборен над Црвеното Море, инцидент кој американската војска го опиша како пријателски оган. Двајцата члена на екипажот на авионот од типот „Ф/А-18 хорнет“ се катапултирале безбедно, а само едниот има мали повреди.
Инцидентот се случил откако Армијата на САД изврши серија воздушни напади врз локација за која се верува дека е складиште за проектили со кое управуваат хутите во главниот град на Јемен. Американската војска информира и дека погодила повеќе дронови и противбродски крстосувачки проектили над Црвеното Море.
„Крстосувачот за наведувани проектили УСС ‘Гетисбург’, кој е дел од борбената група на носачот на авиони УСС ‘Хари Труман’, по грешка истрела и го погоди авионот Ф/А-18, кој имаше полетано од носачот на авиони УСС ‘Хари Труман’“,
се вели во соопштението на американската војска.
Како што јавува Би-би-си, не е до крај јасно дали соборениот авион учествувал во нападите на позициите на хутите.
Американските напади на Јемен се во насока на ослабнување и деградирање на операциите на хутите, кои веќе подолго време напаѓаат и воени и цивилни пловила кои минуваат низ јужното Црвено Море и Аденскиот Залив.
Хутите, бунтовничка група поддржана од Иран која го контролира северозападниот дел од Јемен, почнаа да напаѓаат пред сè западни и израелски бродови набргу по почетокот на војната во Газа, во октомври 2023 година. Велат дека актот е солидарност со Палестинците.
Досега потопија два брода, а оштетија многубројни други. Често страдаат и бродови кои не пловат под знамињата на Израел, САД и Велика Британија или други западни земји.
Минатиот декември САД и уште 13 други држави почнаа операција за заштита на бродскиот транспорт во Црвеното Море.