Инцидентот, како што пренесува Н1, се случува откако изминатите неколку дена на повеќе места во Белград се појавиле плакати на кои членови на опозициската партија и нејзиниот лидер се претставени како крадци
Лидерот на српската опозициска Партија на слободата и правдата и пратеник во парламентот на земјата, Драган Ѓилас, доцна синоќа е нападнат од група млади момчиња кои лепеле плакати против него на фасади од згради во Белград, пренесува Н1.
Во инцидентот, исто така, е нападнат и повреден функционерот на партијата, Ѓорѓе Алексиќ, кој по нападот заедно со Ѓилас заминал во белградскиот Ургентен центар на лекарски прегледи во кои на двајцата им се констатирани повреди.
Партијата на Ѓилас на социјалните мрежи објави снимка од инцидентот на која се гледа како опозицискиот лидер им приоѓа на неколку млади момчиња покрај зграда во Белград и ги прашува што прават.
Потоа, како што може да се види од снимката, настанува расправија меѓу нив која и покрај повиците на дел од придружниците на Ѓилас за смирување на тензиите прераснува во тепачка.
Banditi koji lepe plakate tuku Dragana Đilasa… pic.twitter.com/CFFIOY9naZ
— Stranka slobode i pravde (@SlobodaIPravda) December 19, 2024
Лидерот на српската опозициска партија, во изјава за Н1, по прегледот во Ургентниот центар, дадена рано утрово, вели дека групата што го нападнала била предводена од Лука Петровиќ, кој, како што додава, е секретар за инвестиции во Градот и еден од најважните луѓе во владејачката Српска напредна странка (СНС).
Инцидентот, како што пренесува Н1, се случува откако изминатите неколку дена на повеќе места во Белград се појавиле плакати на кои членови на опозициската партија и нејзиниот лидер се претставени како крадци.
„Тоа не беше тепачка. Сигурно не дојдовме ние двајца да се расправаме со десетмина… Дојдовме да ги прашаме зошто го прават тоа, зошто поставуваат плакати кои луѓето ги гледаат и навредуваат некого, за кои со години тврдат дека не се нивни, но – како што гледате – тие се нивни и зад нив стои (Александар) Вучиќ и таа организирана криминална група. Плакати беа залепени и пред неколку години на училиштето каде што одат моите деца. Лука Петровиќ ми кажа дека сум крадец и дека поради тоа ги лепат, а потоа ме удри првпат. Ме удираа неколкупати. Се браневме колку што можевме, но на крајот ме соборија. Ѓорѓе (Алексиќ) се обиде да ме заштити, него повеќе го удираа од мене. Кога заврши целата ситуација, тие си заминаа трчајќи без никаков проблем“,
вели Ѓилас во изјавата за Н1 по прегледот во Ургентниот центар.
Опозицискиот лидер додава дека еден од жителите на зградата каде што биле лепени плакатите се симнал и рекол дека преку прозорец видел што се случило.
„Од она што го слушам и Лука Петровиќ, дошол да пријави нешто во Итната помош, но не знам што затоа што трчаше по улицата како Усеин Болт, а не како нешто да му фали. Ова е нешто што се случува низ цела Србија. Ми се случи вечерва. Има толку многу претепани луѓе сите овие години, во полоша ситуација од мојата. До вечерва мислев дека тоа што сум пратеник и лидер на опозициска партија ме штити – очигледно не бегаат од ништо. Можам само да ги советувам луѓето да ги чуваат мирот и животот затоа што човечката глава е повредна од сè“,
вели лидерот на Партијата за слобода и правда.
Неговиот сопартиец, Ѓорѓе Алексиќ, во изјава дадена исто така по лекарскиот преглед, вели дека кога го собориле Ѓилас наземи, почнале да го удираат со нозе.
„Легнав врз него, а тие продолжија да нè клоцаат двајцата. На видеото се гледа како луѓето паѓаат од силината на ударите. На видеото се гледа дека никој не дошол таму да се пресмета со никого, се гледа дека ги држам рацете горе, се обидувам да спречам нешто полошо да се случи, но тие први нападнаа. Се одбранивме, тоа можете да го видите на видеото“,
изјави Алексиќ.
Кај него, како што пренесува Н1, биле констатирани неколку хематоми на грбот и задниот дел на вратот, додека Ѓилас го повредил скочниот зглоб, а поради видливите повреди во болница му била снимена главата.