Голем број од мигрантите, според извештајот на агенцијата одговорна за гранична контрола и имиграција, кои биле принудени да ја напуштат територијата на САД, претходно илегално ја преминале границата со Мексико, а третина од нив се обвинети или осудени за криминални активности
Американските власти депортирале повеќе од 270 илјади мигранти во 192 земји за една година, се вели во извештајот на главната владина агенција одговорна за депортирање. Со овој предизвик, според американските медиуми, ќе треба да се соочи и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој за време на кампањата најави масовни депортации.
Годинава биле извршени 271 484 депортации, што е речиси двојно повеќе од 142 580 депортации извршени минатата година.
Голем број од мигрантите, според извештајот на агенцијата одговорна за гранична контрола и имиграција, кои биле принудени да ја напуштат територијата на САД, претходно илегално ја преминале границата со Мексико, а третина од нив се обвинети или осудени за криминални активности.
Трамп уште во текот на претседателската кампања најави дека ќе ја направи најголемата депортација на мигранти во историјата на САД, што наиде на критики од страна на невладините организации што работат за заштита на мигрантите.
Според Трамп, мигрантите вршат повеќе злосторства од американските граѓани. Сепак, не прецизира како ќе ја спроведе таквата политика. Анализите покажуваат дека таквите операции сее скапи и тешко изводливи со сегашниот персонал што работи на оваа проблематика.
Илегалните преминувања на границата со САД беа во пораст кога актуелниот претседател Џо Бајден на почетокот на 2021 година ја презеде функцијата, но се намалија веќе следната година откако администрацијата ги заостри процедурите за азил.
Според Истражувачкиот центар „Пју“, во 2022 година околу 11 милиони луѓе во САД биле без документи.
Трамп и неговите соработници веруваат дека таа бројка е поголема.