Асад пристигна во Москва вчера вечерта, откако руското Министерство за надворешни работи објави дека доброволно одлучил да поднесе оставка и да ја напушти Сирија, оставајќи им на властите во Дамаск наредба мирно да им ја предадат власта на бунтовничките групи кои сега го контролираат сирискиот главен град
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, денеска потврди дека соборениот сириски диктатор Башар ал Асад сега е во Москва, по неофицијалните извештаи за неговото пристигнување во руската престолнина вчера вечерта, објави државната новинска агенција Интерфакс.
Песков додаде дека одлуката за доделување политички азил на долгогодишниот сојузник на Кремљ, Асад, ја донел самиот Владимир Путин, иако тој одби да ја прецизира точната локација на поранешниот диктатор.
Асад пристигна во Москва вчера вечерта, откако руското Министерство за надворешни работи објави дека доброволно одлучил да поднесе оставка и да ја напушти Сирија, оставајќи им на властите во Дамаск наредба мирно да им ја предадат власта на бунтовничките групи кои сега го контролираат сирискиот главен град.
Во своите емисии на руската државна телевизија, Владимир Соловјов и Дмитриј Кисељов, двајца од најпознатите проруски пропагандисти, истакнаа дека Москва ги исполнила своите обврски кон Сирија и покрај обвинувањата на Доналд Трамп дека Русија го напуштила својот поранешен сојузник, пишува Новаја газета.
Соловјов рече дека режимот на Асад паднал затоа што сирискиот народ не бил подготвен да се бори за својата земја, додека Кисељов рече дека иако Москва не користела копнени сили за да го запре напредувањето на бунтовниците кон Дамаск, таа секогаш била посветен на мирот во земјата, иако нагласи дека војната во Украина е поважна за Русија од сегашниот конфликт во Сирија, пренесе независната медиумска агенција Агенство.
Соловјов, исто така, ја пофали руската војска, велејќи дека обезбедила победа за Асад и ги повика гледачите да останат смирени за најновите случувања во Сирија, додавајќи дека одлуката на Москва да му даде азил на семејството Асад е пример за тоа како Русија секогаш ги исполнува своите обврски, за разлика од САД.
Руслан Сулејманов, експерт во оваа област, вчера за „Новаја газета“ изјави дека Москва изгубила сојузник на кој му обезбедувала оружје и на кој потрошила огромни суми пари, „се за џабе“, додавајќи дека падот на режимот бил огромен удар за Путин.