Осум други опозициски активисти се обвинети за организирано насилство, дело што може да се казни со до девет години затвор
Грузиски судови денеска наредија притвор за двајца опозициски лидери, додека во земјата продолжуваат протестите против замрзнувањето на преговорите за приклучување кон Европската Унија.
Ника Гварамија, лидер на најголемата опозициска партија Коалиција за промени, доби 12 дена затвор поради обвиненија за хулиганство и непослушност кон полицијата. Неговата партија тврди дека тој бил неправедно и насилно приведен.
На Алеко Елисашвили, лидер на партијата Силна Грузија, му е одреден притвор од два месеца, под обвинение за напад на политичар од владејачката партија, што тој го негира. Грузиските медиуми известуваат дека тој бил физички нападнат за време на приведувањето.
Осум други опозициски активисти се обвинети за организирано насилство, дело што може да се казни со до девет години затвор.
Владејачката партија во Грузија минатата недела објави дека земјата ќе ги прекине преговорите со Европската Унија до 2028 година и ќе го отфрли европското финансирање, со што практично ќе ја запре својата кандидатура за членство. Во соопштението за печатот, владејачката партија Грузиски сон ја обвини ЕУ дека ги користи пристапните преговори за уцена и „организирање револуција во земјата“.
Оттогаш во главниот град на Грузија, Тбилиси, секоја вечер се водат жестоки судири меѓу полицијата и проевропските демонстранти кои не се задоволни од одлуката на владата. Протести се одржуваат и во други градови низ Грузија.
