„Направивме нешто што досега можеби никогаш не е направено, а тоа е дека сите заедно ние разговаравме извесен период и за време на тие разговори дојдовме до компромис во којшто сите страни се согласивме дека во периодот од 15 декември до 15 јануари цените на одредени производи, а тоа се повеќе од шестотини артикли, ќе бидат намалени и брендирани како што беше досега: ‘Помалку трошоци повеќе за тебе, се грижиме’“, изјави денеска премиерот на денешната прес-конференција.
Најавената т.н. новогодишна кошничка ќе стартува на 15 декември и ќе трае до 15 јануари следната година и со неа, како што информираа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, се опфатени над 675 производи чии цени во овој едномесечен период треба да бидат намалени за 10 и повеќе проценти.
Промовирајќи ја кошничката на денешната прес-конференција, која ја нарече „специјален настан“, премиерот Мицкоски кажа дека листата на производи чии цени треба да бидат намалени е скроена, односно понудена во договор со стопанските комори, производителите, трговците и дистрибутерите.
„Направивме нешто што досега можеби никогаш не е направено, а тоа е дека сите заедно ние разговаравме извесен период и за време на тие разговори дојдовме до компромис во којшто сите страни се согласивме дека во периодот од 15 декември до 15 јануари цените на одредени производи, а тоа се повеќе од шестотини артикли, ќе бидат намалени и брендирани како што беше досега: ‘Помалку трошоци повеќе за тебе, се грижиме’“,
рече Мицкоски.
Бидејќи станува збор за, како што кажа, консензуално решение, а не интервентна мерка на Владата, премиерот рече дека нема да има казнување, туку само мониторинг за тоа дали сите производи ќе бидат означи со соодветните налепници за да можат да бидат препознатливи за граѓаните.
„Тоа е многу важно, бидејќи на тој начин ќе можат и граѓаните сето тоа да го препознаат. Нормално, ова не е направено со интервентна мерка од страна на Владата, не е направено со ограничување на цените, туку е консензуално решение и поради тоа нема да има за ова казнување, се разбира, туку ќе има само мониторинг на тоа дали на сите тие производи ќе бидат залепени сите овие налепници за коишто зборуваме, за да биде визибилно за граѓаните, за да можат тие да ги препознаат овие производи“,
кажа премиерот.
Сумирајќи на крајот, тој рече дека очекува успешна акција во која и понатаму сите ќе продолжиме да бидеме, како што кажа, општествено одговорни во овие тешки моменти и да помогнеме на македонските граѓани, на македонската економија, стандардот на македонските граѓани и на тој начин да има повеќе за секого.
„Очекувам успешна акција, очекувам ниски цени во очи на новогодишните празници, и очекувам среќни граѓани и полна трпеза за време на празниците коишто следат“,
рече Мицкоски.
На забелешка на новинарите дека во листата на производи во новогодишната кошничка има производи чии цени во изминатиов период се зголемени и дали поради ова ќе има механизми со кои тоа ќе се контролира или евентуални казни за производителите и трговците, министерот за економија и труд Дурмиши рече дека ова не е владина одлука, туку дека цените се понудени од трговците, а доколку има зголемување, тоа ќе го утврди Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
„На состаноците, стопанските комори, дистрибутерите, производителите и трговците тврдеа дека ќе се намалат цените на производите за 10 проценти и повеќе. Ако има такво нешто (зголемување на цените), Државниот пазарен инспекторат ќе биде на терен и ќе ја разгледа состојбата и, нормално, ако има нешто, ќе ги викнеме на состанок, ќе зборуваме со нив и ќе прашаме зошто е тоа така, оти тие самите ни тврдеа дека ќе ги намалат цените. Јас само знам дека ова не е владина одлука, туку дека цените се понудени од трговците, тоа ќе го гледаме во рамките на законот каде точно се наведува кои се надлежностите на Државниот пазарен инспекторат“,
рече Дурмиши.
Надоврзувајќи се на него, премиерот Мицкоски рече дека станува збор за добра забелешка и обраќајќи му се на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски му предложи уште сега да излезе да излезе и да ги види цените.
„Ако може јас еден предлог да дадам на ова, мислам дека е интересно прашањето и добра е забелешкава. И мислам дека Влатко, дека ти треба со пазарниот инспекторат уште сега да излезеш и да видиш како се цените, какви беа пред некој ден и да видиме за колку ќе ги намалат, за да не дојдеме до шпекулирање. Ако била една цена на еден производи 10 парички, па се качила на 12, па ја вратат сега на 10, во суштина ништо не направиле, така што мислам дека оваа работа треба да се констатира“,
рече премиерот.
Прашан колку очекува да заштедат граѓаните со новогодишната кошничка, министерот Дурмиши одговори дека тоа ќе биде познато по завршувањето на акцијата.
„На крајот кога ќе заврши оваа акција ќе ги разгледаме податоците и ќе известиме колку била заштедата кај граѓаните“,
рече Дурмиши.
Листата на производители, трговски ланци и маркети чии производи се дел од новогодишната кошничка се веќе објавени на веб-страницата mojakosnica.mk.