Ројтерс, повикувајќи се на повеќе неименувани извори, објави дека целта на Макрон е што поскоро да назначи нов премиер
Францускиот премиер Мишел Барние се очекува денеска да поднесе оставка до францускиот претседател Емануел Макрон, откако вчера Долниот дом на парламентот на земјата изгласа недоверба на неговата влада, пишуваат светските медиуми.

Потоа, предвидено е на јавноста да ѝ се обрати претседателот Емануел Макрон.
Ројтерс, повикувајќи се на повеќе неименувани извори, објави дека целта на Макрон е што поскоро да назначи нов премиер.
Истото го потврдуваат и француските медиуми, кои посочуваат дека од опкружувањето на Макрон никој не прецизира кога ќе го назначи новиот премиер, но дека има намера тоа да го направи брзо, можеби дури и вечерва.
Како што пренесува „Фигаро“, се очекува Барние денеска во 10 часот да поднесе оставка до Макрон, додека телевизиското обраќање на шефот на државата е предвидено за 20 часот.
Лидерката на француската крајна десница Марин Ле Пен по падот на владата изјави дека притисокот врз Макрон расте, но дека таа не бара негова оставка, нагласувајќи дека само тој може да одлучи за тоа.
Ова е првпат од 1962 година француската влада да падне поради гласање недоверба.Тогаш беше соборена владата на Жорж Помпиду, додека претседател на земјата беше Шарл де Гол. Со денешното гласање недоверба, кабинетот на Барние стана влада со најкраток век од која било администрација на Петтата француска република, која започна во 1958 година.