За време на смртоносниот напад врз Израел во 2023 година, милитантите предводени од Хамас заробија повеќе од 250 луѓе, според израелските податоци, вклучително и некои со двојно израелско-американско државјанство
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави вчера дека ќе има големи неволји на Блискиот Исток доколку заложниците кои се држат во Појасот Газа не бидат ослободени пред неговата инаугурација на 20 јануари.
За време на смртоносниот напад врз Израел во 2023 година, милитантите предводени од Хамас заробија повеќе од 250 луѓе, според израелските податоци, вклучително и некои со двојно израелско-американско државјанство.
Се верува дека околу половина од заложниците во Газа, вкупно 101, се сè уште живи.
Не бирајќи зборови за судбината на заложниците, Трамп на социјалните мрежи порача:
„Ако заложниците не бидат ослободени пред 20 јануари 2025 година, кога со гордост ќе ја преземам функцијата претседател на Соединетите Држави, ќе има многу големи неволји на Блискиот Исток и за одговорните за извршување на овие злосторства против човештвото. Одговорните ќе бидат погодени посилно од кој било во долгата и легендарна историја на Соединетите Американски Држави“.
Хамас повика на прекин на војната и целосно повлекување на Израел од Газа како дел од договорот за ослободување на преостанатите заложници. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека војната ќе продолжи се додека Хамас не биде искоренет и повеќе не претставува закана за Израел.
Во понеделникот Хамас објави дека 33 заложници биле убиени во Газа за време на речиси 14-месечната војна меѓу палестинската милитантна група и Израел, без да ја наведе нивната националност.
Израел ја започна војната откако борците предводени од Хамас ги нападнаа израелските заедници на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1 200 луѓе, според израелските податоци.
Во израелската воена офанзива загинаа повеќе од 44 400 Палестинци и се раселени поголемиот дел од населението во Газа, соопштија властите во Газа. Големи делови од енклавата лежат во урнатини.
