Според српскиот претседател, само неконтролиран раст на заразата може да ги одложи изборите на 21 јуни, кои првично требаше да се одржат на 26 април
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, истакна денеска дека државата веќе доцни со изборите и дека не разбира како некој мисли дека со воведување вонредна состојба или со неуставно однесување тие понатаму да се одложуваат.
Вучиќ изјави пред новинарите дека е најважно здравјето на граѓаните, но дека нема причина да се очекува таков развој на епидемијата со коронавирусот, како и дека не гледа дека одложувањето би променило нешто посериозно за оние што бараат одложување.
Вучиќ, наведувајќи дека изборите во Хрватска најверојатно ќе се одржат на 5 јули, дека тие се можни и во Македонија, а дека дел од опозицијата во Србија бара од Европскиот парламент да ги одложи, кажа дека, според Уставот и законите, изборите веќе доцнат два-три месеци.
„Веќе ги надминавме сите дозволени рокови и не разбирам како некој мисли дека со воведување вонредна состојба или со противуставно однесување можеме да ги одложиме и понатаму“,
оцени Вучиќ.
Тој потсети дека во Хрватска ќе се одржат предвремени избори, што, како што рече, не е за споредба.
„Ова е како да полагате испит. Секогаш кога одложувате еден месец, два или три и мислите дека тоа ќе ви помогне, обично првиот месец или два не учите ништо. Затоа е подобро да запнете и да се подготвите и да излезете во првиот рок. Ништо сериозно нема да се промени со одложувањето“,
рече Вучиќ.
Тој додаде дека изборите закажани за 21 јуни може да бидат одложени повторно само ако има неконтролирано зголемување на бројот на заразени со вирусот, но посочи дека не мисли дека такво сценарио ќе се случи.
„Нема да има одложувања ако ги контролираме работите, но ако имаме проблеми со растот на бројот на заразени, ако не можеме да ги контролираме работите, нема сомнение дека во тој случај ќе донесеме поинаква одлука, бидејќи за нас здравјето на луѓето е многу поважно од која било политичка победа и од што било друго“,
изјави Вучиќ.