Посочи дека пред две години кога приватните превозници штрајкуваа и изразуваа знаци на револт, таа им ги раскина договорите и почна постапка за избор на нови даватели на услуги. А сега, како што вели тој, иако веќе тие четири-пет месеци не се држат до договорите потпишани пред година и пол, а важат до 2025 година, таа ги толерира
Градоначалничката Данела Арсовска треба да сноси одговорност затоа што врши диверзија во една витална дејност како што е јавниот градски превоз, порача денеска претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, во врска со барањето на приватните превозници за зголемување на таксата по километар, кое не беше разгледано на вчерашната седница.

„По оној кикс што беше направен каде Владата мораше да прогласи вонредна состојба и да го снабди Јавното сообраќајно претпријатие ‘Скопје’ со гориво од државните резерви, таа во континуитет ги подбуцнува приватните превозници да прават проблеми во јавниот градски превоз“,
рече тој.
Посочи дека пред две години кога приватните превозници штрајкуваа и изразуваа знаци на револт, таа им ги раскина договорите и почна постапка за избор на нови даватели на услуги. А сега, како што вели тој, иако веќе тие четири-пет месеци не се држат до договорите потпишани пред година и пол, а важат до 2025 година, таа ги толерира.
„Има барања за зголемување на тарифата од страна на приватните превозници. Приватни субјекти не можат да се обратат до Советот, па тоа преку иницијатива го направи советникот Горан Арсов. Таа иницијатива ја добив во вторникот во 15:30 часот. Вчера по завршување на седницата на Советот ја препратив до градоначалничката Данела Арсовска. За да ја разберете мојата положба, морам да посочам дека некој има пристап до мојата пошта. Иницијативата е доставена до претседател на Совет на Град Скопје и пред јас да побарам мислење од градоначалничката, таа дава некое мислење во текот на седницата, во кое кажува дека советниците треба да донесат одлука за зголемување на цената по изминат километар за приватните превозници. Тоа не оди така“,
вели Славески.
Тој веќе доставил барање за мислење до градоначалничката по четири точки за зголемување на тарифата за приватните превозници.
„Прво, дали градоначалничката поддржува зголемување на цената по изминат километар за приватните превозници. Второ, ако поддржува, да достави предлог-одлука со конкретни параметри, како процент на зголемување и да даде образложение. Трето, како тоа зголемување на тарифата ќе се одрази на приходите на ЈСП. Четврто, кој е предлогот на Арсовска како ќе се надоместат изгубените приходи на ЈСП, дали преку зголемување на услугите на ЈСП или, пак, преку дополнителни субвенции. На ова барање немам добиено мислење“,
рече тој.
Кога Арсовска, како што вели Славески, ќе обезбеди мислење, односно ќе даде до Советот предлог-одлука, тогаш таа ќе биде ставена на седница на Советот.
„Бараме од Арсовска да достави материјал како што тоа го направил тогашниот градоначалник Коце Трајановски во 2017 година. Тој на 17 страници доставил до Советот предлог-ослука за утврдување на вредност на надоместок за извршени услуги во линискиот превоз на патници по остварен километар. Тука има формули, цени на гориво и оваа одлука е сè уште во сила. Значи не може со манипулации ‘охрабхри се, Трајко‘ и слични фрази, Советот на Градот да одлучува за нешто за што нема мислење од стручните служби на Град Скопје “,
вели Славески.
На приватните превозници им порача да не наседнуваат на манипулациите на Арсовска оти таа е непредвидлива жена.
„Може да го направи истото што им го направи на вашите претходници кога им ги укина лиценците, може да останете на улица, без леб“,
кажа тој.
На градоначалничката Арсовска ѝ порача дека доколку ескалира состојбата, Владата има мерки и инструменти да го реши овој проблем.
За најавите на приватните превозници дека в понеделник ќе блокираат крстосници, Славески рече дека во кризна состојба, може да дојдат булдожери и да ги расчистат блокадите.