Пратеникот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, кој учествува во блокадите на судот во Нови Сад, стави лисици на оградата на влезот во судот, посочувајќи во изјава за медиумите дека тој не го сторил тоа, туку дека тоа веќе го направил Александар Вучиќ
Српските опозициски пратеници и градски советници утрово повторно ја блокираа зградата на судот и обвинителството во Нови Сад, информира српски „Н1“.

Оградени се скалите на судот, а полицијата направи премин каде што со помош на судската полиција можат да поминат вработените во зградата.
Пратеникот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, кој учествува во блокадите на судот во Нови Сад, стави лисици на оградата на влезот во судот, посочувајќи во изјава за медиумите дека тој не го сторил тоа, туку дека тоа веќе го направил Александар Вучиќ.
Градскиот советник од движењето „Браво“, Миран Погачар, посочи дека нема да се откажат од барањата да се ослободат уапсените на протестите.
Опозицијата најави дека во рок од 24 часа ќе бара оставка од министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ доколку не ги објави резултатите од работата на Секторот за внатрешна контрола.
Ова е четврти пат во последните две недели да биде блокирана зградата на Палатата на правдата во Нови Сад.
Опозицијата побара кривично гонење на одговорните за падот на натстрешницата на железничката станица на 1 ноември, кога загинаа 15 лица, додека други двајца сè уште се во тешка состојба.
На Горан Весиќ, поранешниот српски министер за градежништво, му е укинат притворот, откако беше уапсен минатата недела.
Во врска со несреќата во Нови Сад, во притвор се уште 11 лица. Вишиот суд во Нови Сад на 23 ноември му одреди 30-дневен притвор на Весиќ, како и на поранешниот директор на „Железничка инфраструктура на Србија“, Небојша Шурлан.
Куќен притвор со електронски мониторинг добија поранешната в.д. директорка на „Железничка инфраструктура“, Јелена Танасковиќ, како и помошник-министерката за железнички транспорт Анита Димовски.