Комората, како што информира министерот за правда Филков, ќе биде одговорна за лиценцирање, едукација и надзор на вештачење што ќе придонесе за, како што додаде, јакнење на професионалните и етички стандарди. Тој очекува со ова да се зголеми довербата во правосудниот систем, како и перцепцијата за фер и објективни правни постапки
Претседателот на Комората, Виктор Камнар, соопшти дека се формирани вкупно 16 професионални одделенија со нивни раководители, а првите лиценци за новите вештаци се очекува да бидат издадени до март или април следната година
По осумгодишен застој, Комората на вештаци повторно е ставена во функција и ќе може да врши едукација, лиценцирање и надзор на вештаците во судските и управните предмети, соопшти денеска министерот за правда Игор Филков.

Информирајќи за активирањето на Комората на прес-конференција, министерот кажа дека со нејзиното запишување во Централниот регистар на Република Северна Македонија кон крајот на минатиот месец, се означува почетокот на една нова реформа во правосудниот систем во земјава.
Филков рече дека една од неговите први задачи кога стапил на функцијата министер за правда била Комората на вештаци повторно да ја направат функционална.
„И тоа го сторивме за релативно краток период. На 25.10.2024 година со Решение на Централниот регистар на РСМ е запишана Комората на вештаци на РСМ во ЦРСМ со што дури после цели осум години можеме да кажеме дека таа профункционира! Ова е значаен исчекор бидејќи Комората предолго беше во процес на мирување лишувајќи го правниот систем од експертиза. Со ова ќе се решат и проблемите со кои, за жал, години наназад, се соочуваа вештаците, како во поглед на заштитата на своите интереси, особено со издавањето на лиценците и нивната важност, така и во поглед на можностите за унапредување на нивната работа. Сето тоа беше ускратено или ограничено заради фактот на непостоење на Комората како еснафско здружение на вештаците“,
изјави Филков.
Говорејќи за значењето на Комората, министерот кажа дека без квалитетно и навремено вештачење многу судски постапки се одолговлекуваат, а во некои случаи е невозможно да се донесат првични и објективни одлуки.
„Вештаците претставуваат еден од носечките столбови врз кој се потпираат судските процеси и одлуките на органите на државната управа. Убеден сум дека оваа институција ќе стане синоним за стручност и ќе придонесе за поефикасно и фер функционирање на нашиот правосуден систем. Функционалната Комора на вештаци претставува клучен чекор кон подобрување на правниот систем и создавање силен механизам за контрола и поддршка на вештаците во Македонија“,
рече министерот.
Комората, наведе тој, ќе биде одговорна за лиценцирање, едукација и надзор на вештачење што ќе придонесе за јакнење на професионалните и етички стандарди. Со ова, додаде, тој очекува да се зголеми довербата во правосудниот систем, како и перцепцијата за фер и објективни правни постапки.
Претседател на обновената Комора на вештаци е Виктор Камнар, кој исто така имаше обраќање на денешната прес-конференција, во кое кажа дека нивната основна цел и визија е да ги унапредат и зголемат квалитетот на сите управни и судски постапки што се во тек и коишто ќе следуваат понатаму.
„Недвосмилесно и неселективно ќе работиме според тоа што го кажал законодавецот, односно ќе се држиме до статутот на Комората на вештаци, одредбите на дисциплинската постапка за која што сакам со сигурност да тврдам дека ќе биде секогаш испочитувана како во делот на давањето и лиценцирањето на вештаците, така и во делот на тоа дека секој еден престап којшто ќе биде доволно документиран истиот да биде и санкциониран“,
рече Камнар.
Во текот на следниот месец, како што информира тој, ќе биде објавен јавен повик за оние што по првпат сакаат да станат вештаци. Огласот ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството за правда додека не биде креирана веб-страница на Комората.

Таму апликантите за вештаци ќе можат да ги приложат своите документи, а обуките за добивање лиценца ќе бидат во вкупно траење од 60 часа.
Ингеренциите за добивање лиценца и потписот на лиценцата ќе бидат во надлежност на Министерството за правда, додека професионалните обуки ќе ги организира Комората.
Камнар соопшти дека во рамките на Комората се формирани вкупно 16 професионални одделенија со нивни раководители, а првите лиценци за новите вештаци се очекува да бидат издадени до март или април следната година.
„Нашата амбиција и цел е веќе на почетокот на 2025 година, не подоцна од март, април да ги издадеме и првите лиценци за новите вештаци, а тековно да работиме на релиценцирање на сите оние професионални кадри коишто сега работат во делот на сите вештачења во сите области“,
рече претседателот на Комората.
Прашан дали има доволен број вештаци во државата кои можат да се справат со работата , министерот Филков одговори:
„Во моментов, да. И покрај големиот застој, планираме да тргне работата, па да видиме. Доколку се укаже потреба, ќе се зголеми бројката“
Во врска со досегашните искуства со вештачењата, поради кои дел од судските процеси се одолговлекуваа и траеја со години, како што тоа беше случај со предметот „Ласкарци“, каде што имаше неколку вештачења и супервештачење, ресорниот министер рече оти се надева дека тие работи ќе бидат зад нас.
„Како што кажав на почетокот на самиот прес, осум години е преголем период за работите да бидат во застој, така што се надеваме дека наскоро тој процес ќе се откочи“,
рече Филков.
