„Јавната администрација стана заробеник на ВМРО-ДПМНЕ, а граѓаните се оставени да се борат со бавни услуги, хаос и нефункционалност. Како може Владата, која отворено игнорира закони и критериуми за назначување кадри, да ветува ‘вреднување на трудот’?“, велат од опозициската партија
Изјавите на Мицкоски за „деполитизирана и професионална администрација“ се ништо повеќе од празни зборови кои се целосно спротивни на реалноста што ја креира неговата влада, се вели во реакцијата на опозицискиот СДСМ на дел од наводите што премиерот денеска ги искажа во своето обраќање на отворањето на годишната министерска конференција на Регионалното училиште за јавна администрација.

Насловена „Апсурд од премиер: Мицкоски кој врши партизација ветува деполитизација“, во писмената реакција од опозициската партија велат дека станува збор за уште еден апсурден обид да се прикаже лажна реалност додека граѓаните сведочат за невидена партизација и злоупотреба на јавната администрација.
Според Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, премиерот за шест месеци, откако е на власт ги деградирал професионалците, поставувајќи луѓе без никакви компетенции и знаења, а кои од квалификации поседуваат само партиска книшка на ВМРО-ДПМНЕ.
„Досега видовме систематско прекршување на процедурите, поставување на три заменици директори во Царина, поставување на директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) спротивно на законот, поставување на раководители без соодветни квалификации. Јавната администрација стана заробеник на ВМРО-ДПМНЕ, а граѓаните се оставени да се борат со бавни услуги, хаос и нефункционалност. Како може Владата, која отворено игнорира закони и критериуми за назначување кадри, да ветува ‘вреднување на трудот’?“,
велат од СДСМ.
Повикувајќи го премиерот да престане со манипулациите и партизирањето, од опозициската партијата, порачуваат дека јавната администрација мора да биде сервис на граѓаните, а не алатка за партиски интереси.
„Наместо празни зборови на конференции, потребни се конкретни дела – итна департизација, санкции за корумпираните функционери и воспоставување јасни и транспарентни критериуми за вработување и напредување во администрацијата. Граѓаните заслужуваат ефикасна, професионална и независна администрација. Во лагите на Мицкоски не верува никој“,
порачуваат опозиционерите.
Премиерот Мицкоски во своето обраќање на отворањето на годишната министерска конференција на Регионалното училиште за јавна администрација, во пет точки ги сумираше целите опфатени во реформите што Владата ги планира во овој сектор. Во едната од нив, која се однесува на ефикасноста и професионалноста, тој рече дека како Влада ќе се залагаат за деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста.
Овие реформи, рече премиерот, се важни затоа што јавната администрација е срцето на секоја држава, и кога таа функционира добро, функционира и целото општество, додаде тој.
Осврнувајќи се на иновациите, премиерот рече дека денес, во време на глобални предизвици, дигитална трансформација и зголемени очекувања, не можеме да се потпреме на старите методи бидејќи граѓаните очекуваат услуги кои се брзи, точни и лесни за користење.
„Време е да покажеме дека можеме подобро и повеќе. Да работиме заедно, со визија и решителност, за да изградиме јавни услуги што ќе бидат пример за квалитет, ефикасност и иновативност. Со овие чекори, ќе ја направиме држава посилна, поуспешна и подготвена за предизвиците на иднината“,
подвлече Мицкоски во обраќањето.