Министерот за здравство не спомена конкретни имиња кои се под истрага
Министерот за здравство Арбен Таравари, кој е дел од владејачката коалиција „Вреди“, денеска давајќи изјави по настан во Гостивар изјави дека има сознанија оти функционери на Демократската унија за интеграција (ДУИ) се повикуваат во надлежните обвинителства.

Не спомена конкретни имиња кои се под лупа на истражните органи.
„Колку што имам информации, процедурите течат. Некои функционери на ДУИ веќе се движат по канцелариите на истражните органи и обвинителствата. Верувам дека за кусо време ќе видите кои се тие. Не знам, не работам во полиција, ниту во обвинителства или судови. Ако ви треба таква информација, прашајте таму“,
изјави Таравари по настан во Гостивар.
На ваквата изјава на министерот за здравство попладнево реагираа од партијата на Али Ахмети, нарекувајќи ја скандалозна и со прогонителски политички конструкции.

„Вакви изјави со прогонителски политички конструкции во минатото даваа и други членови на Владата без етнички легитимитет, со што ја презедоа улогата на сценарист, истражител, обвинител и судија. Овие закани со конструкции и политички прогон, како и притисоци врз истрагата и обвинителството никого не плашат, туку ја покажуваат скандалозната и неприфатлива тенденција на практикување на заробена држава од власта. Сите овие изјави ги читаат Брисел и Вашингтон затоа што нè оддалечуваат од владеењето на правото и европските вредности и ги враќаат застарените времиња на конструкции со политички лов на вештерки“,
реагираат од ДУИ.
Од опозициската партија велат оти даваат поддшка на несективното владеење на правото, дека бараат меѓународно следена проверка на сите носители на политички функции и додаваат:
„Сите нелегитимни албански експоненти во Владата континуирано се прозивани за големи коруптивни афери од страна на ВМРО ДПМНЕ и нивниот кредибилитет е нула во однос на доброто владеење, напротив мора да сносат одговорност за нивните злоупотреби.“
