„Наместо да ги решава нерегуларностите и да се справува со лицата кои ја рушат довербата во институциите, Мицкоски се занимава со празни критики кон СДСМ, кои само ја рефлектираат неговата неспособност и немање визија за иднината на земјата“, велат од СДСМ

Мицкоски е последниот кој може да зборува за „квалитет на кадри“, се вели во писмената реакција на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), а која се однесува на денешната изјава на премиерот кој рече дека не е импресиониран од раководството што вчера е избрано на конгресот од членовите на СДСМ.
„Во неговите редови има луѓе осудени за криминал, лица кои се под истраги од институциите и личности чиј углед е сериозно нарушен со многубројни скандали во изминатите пет месеци. Неговата партија е заробена во коруптивни афери, кои ја деградираат не само ВМРО-ДПМНЕ, туку и целокупната политичка сцена во Македонија“,
се вели во реакцијата од СДСМ.
Оттаму велат дека изјавите на Христијан Мицкоски „кој е очигледно разочаран од консолидацијата на СДСМ, се уште еден доказ за неговата лицемерна политика и стравот од силната опозиција која ја предводи нашата партија“.
Од партијата велат дека СДСМ е консолидирана, мотивирана и подготвена за нови победи и оти новото раководство е тим кој ги обединува капацитетите на млади и искусни кадри со целосна посветеност на интересите на граѓаните.
За изјавите на Мицкоски велат дека се обид за дефокусирање на јавноста од проблемите во неговите редови.
„Наместо да ги решава нерегуларностите и да се справува со лицата кои ја рушат довербата во институциите, Мицкоски се занимава со празни критики кон СДСМ, кои само ја рефлектираат неговата неспособност и немање визија за иднината на земјата“,
се додава во соопштението.
Според СДСМ, локалните избори што треба да се одржат следната година, а кои Мицкоски ги спомнува, ќе бидат тест не за нивната партија, туку „за неспособноста на неговото раководство да испорача резултати на терен“.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска коментирајќи го изборот на највисоките тела на СДСМ на вчерашниот конгрес посочи дека дури е и разочаран од изборот оти смета дека тие луѓе нема да можат да бидат конструктивна опозиција на политичката сцена во државата.
Порача дека новоизбраното раководство нема да може да биде додадена вредност на политичката сцена, но и оти очекува опозицијата да продолжи со конструкции, измислици, ниски страсти и дневни навреди.
На вчерашниот 30. конгрес на СДСМ е избран Централниот одбор на партијата, а до крајот на неделата се очекува да биде избрано целото ново раководство на партијата.
За нова заменик-претседателка на партијата е избрана Фани Каранфилова-Пановска за која претседателот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека таа е човек со кој се познава долго време и оти во себе ги носи и цврсто верува во социјалдемократските вредности.