„Не гледам тука што е неморално ако ЛДП е самостоен политички субјект кој по идеологија припаѓа во центарот, кој во економските политики е поблизок до десницата, а во делот на социјални политики и човекови права е блиска до левицата, и тоа секаде во светот е така со либералите, не само во Македонија, да настапува независно со своја политика давајќи поддршка на она што смета дека е добро и е во интерес на граѓаните“, рече лидерката на Либерално-демократската партија

Не гледам што е неморално во нашето независно настапување во македонското Собрание, бидејќи Либерално-демократската партија (ЛДП) е самостоен политички субјект кој по идеологија припаѓа во центарот – рече пратеничката и лидерка на ЛДП, Моника Зајкова, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, во одговор на прашањето колку е политички морално, откако стана пратеничка од листата предводена од СДСМ, по изборниот пораз, да му сврти грб на довчерашниот коалициски партнер.
Зајкова вели дека етиката и моралот се многу релативни категории, па оттаму таа го поставува прашањето колку е морално да се менуваат емисиите на различни канали или постапките на одредени директори кои на функција дошле како кадар на ЛДП, за подоцна да станат претседатели на општински организации на СДСМ.
„Не гледам тука што е неморално ако ЛДП е самостоен политички субјект кој по идеологија припаѓа во центарот, кој во економските политики е поблизок до десницата, а во делот на социјални политики и човекови права е блиска до левицата и тоа секаде во светот е така со либералите, не само во Македонија, да настапува независно со своја политика давајќи поддршка на она што смета дека е добро и е во интерес на граѓаните“,
кажа Зајкова.
Според Зајкова, нејзината партија можеби не била многу видлива на изборите, но тие воделе независна кампања, додека предизборната коалиција со СДСМ ја наследила од својот претходник.
„Ние и тогаш рековме дека ЛДП ќе даде поддршка на сè што значи поскоро придвижување кон Европската Унија. Тоа и го правиме и не треба да заборавиме дека ЛДП додека беше во владината коалиција, настапуваше независно, односно промовираше свои политики. Ние бевме предлагачи на закон за субвенциониран студентски оброк, кој се прифати од сите партии и беше изгласан со консензус, ние бевме противници на прогресивен данок и успеавме да го задржиме рамниот данок, не дадовме поддршка на измените на Кривичниот законик, за Закон за игри на среќа“,
рече Зајкова.
