Тој вели дека каматната стапка од 1,95 отсто што е договорена со банките ќе биде фиксна без разлика на сумата што ќе ја добијат компаниите

До крајот на оваа неделава ќе бидат целосно дефинирани условите за добивање средства од унгарскиот кредит за стопанството во износ до 250 милиони евра, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски велејќи дека е задоволен од одговорноста на поединци и свесноста за тешката состојба во која се наоѓа македонската економија во моментот. Тој денеска ги повика компаниите да подготват добри и издржани проекти и добар бизнис-план за да можат да аплицираат за добивање на средства по поволни услови.
Тој вели дека каматната стапка од 1,95 отсто што е договорена со банките ќе биде фиксна без разлика на сумата што ќе ја добијат компаниите.
„Со дел од банките обезбедивме историски најниска камата од 1,95 проценти под услови до три години грејс период во кои ќе се плаќа само каматната стапка и до 15 години рок на отплата. Има компании што сакаат рокот на отпалата да биде пократок, да не биде толку долг. Така што оставивме простор и го вметнавме оној збор до и мислам дека е тоа добро. Имајќи предвид дека обврска на компаниите е најмалку 20 проценти од проектот од сопствени средства да го финансираат. Со тоа станува збор за најмалку 300 милиони евра инвестиција, а кога на тоа ќе се додадат уште 500 милиони евра што ги реалоцираме од Буџетот кон општините стануваат 800 милиони евра“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник за изградба на нова градинка во населбата Расадник во Oпштина Кисела Вода.
Имајќи предвид дека БДП е проектиран на 16 милијарди евра, додаде, станува збор за средства во износ од пет проценти од БДП кои треба да бидат инвестирани во текот на оваа и следната година.
Со средствата, рече Мицкоски, ќе бидат поддржани компании што ќе вложат во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти кои ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба.
„Максималниот износ што можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра, што значи дека кредитот ќе биде до осум милиони евра, а преостанатите два милиони евра ќе бидат од сопствено учество“,
рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека од аспект на енергетските ресурси кај нас е оптимална состојбата и дека зимава ќе ја поминеме без поголеми потреси и нарушувања на пазарот.