Министерот Александар Николоски денеска изјави дека до почетокот на летото ќе бидат пуштени во употреба околу 40 километри од автопатот на потегот од Врбјани до Охрид

Со законски измени ја сменивме формулата за асфалтирање и со тоа овозможивме зимско асфалтирање, што не било применето последниве 50 години. Со ова се пофалија вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски при денешната посета на местата на кои се асфалтира автопатот Кичево-Охрид.
Николоски рече дека до почетокот на летото ќе бидат пуштени во употреба околу 40 километри од автопатот на потегот од Врбјани до Охрид. Дополни дека ќе го исполнат ветувањето за целосно завршување на автопатот до крајот на 2026 година.
„Имаме голема мобилизација за изградба на автопатот и тоа со околу 300 машини и околу 600 вработени кои секојдневно работат на трасата. Денеска промовираме асфалтирање во зимски услови и на минусни температури се со цел да ја забрзаме изградбата и да ги достигнеме роковите што си ги зададовме. Тоа е до почетокот на летната сезона да пуштиме за сообраќај околу 40 километри од Врбјани до Охрид со еден мал прекин кај Ботун, а до крај на 2026 година да го изградиме целиот автопат“,
рече Николоски.

Николоски рече дека во преткфалификација е избор на изведувач за автопатот Кичево-Букојчани и дека очекува на пролет да биде избран изведувач.
„Потоа тој автопат ќе се надоврзе на автопатот кој интензивно започна да се гради, а тоа е од Гостивар до Букојчани и понатаму од Гостивар до Тетово, така што граѓаните од Охрид и регионот ќе добијат нов модерен автопат од Охрид до Скопје”,
рече тој.
Директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски истакна дека интензивно се работи на санација на косините и на завршување на процесот на експропријација.
„Наследивме огромни проблеми, но макотрпно работиме да ги решаваме еден по еден и очекувам дека до крај на 2026 година ќе го завршиме овој автопат”,
рече Трајановски.
Изградбата на автопатот Кичево-Охрид почна во февруари 2014 година е веројатно е најконтроверзниот капитален проект во земјава. Педесет и седумте километри автопат требаше да чинат 374 милиони евра и да бидат завршени за околу четири години. Но, изградбата беше пролонгирана до јуни 2021 година, а кинеската компанија „Синохидро“ доби нов рок и дополнителни пари што се искачија на околу 598 милиони евра. Следниот рок беше 2023 година, но и тој беше пробиен.
Во 2020 година Институтот за демократија објави анализа, според која, за автопатот ќе бидат потрошени речиси двојно повеќе пари од првично планираното, односно над 10 милиони евра за километар.
