Министерот за внатрешни работи на Франција, Кристоф Кастанер денеска остро реагираше на најавите за отворање на италијанските граници за туристите од земјите-членки на Европска Унија и укинувањето на задолжителниот карантин за странските посетители.
Според него, земјите од ЕУ мора да ги координираат одлуките за повторно отворање на границите, алудирајќи на едностраните одлуки на Шпанија и Италија.
*Поврзана вест
„Од суштинско значење е да можеме да имаме координирани одлуки на европско ниво, особено за Шенген зоната што не е случај денес. Едностраната одлука на Шпанија оваа недела и изутринава на Италија не се во насока на она што треба да го направиме за да работиме солидарно. Ќе разговарам со мојот (италијански) колега викендв, за да можеме да ги прилагодиме нашите правила“,
изјави Кастанер.
Мадрид недела најави дека ќе примени мерка од двонеделен карантин за секој странец, поради што Франција одлучи како реципроцитет да воведе иста мерка за патниците кои доаѓаат од Шпанија.
Речиси сите граници во рамките на европскиот простор (шенген зоната, ЕУ и Велика Британија) подлежат на ограничувања, но целта е да се отворат границите, со договор и одлука околу 15 јуни. Европската комисија во средата изрази желба за „усогласено“ и „недискриминирачко“ повторно отворање на внатрешните граници на ЕУ.