Претседателот Александар Вучиќ денеска го одржа првиот онлајн собир насловен како „За нашите деца“, додека најголем дел од опозицијата најави бојкот
Во услови кога на сила се’ уште се епидемиолошките мерки поради пандемијата со коронавирусот, во Србија започна кампањата за парламентарните избори закажани за 21 јуни.
Кампањата всушност ја спроведуваат само владејачките партии, а предводник е претседателот Александар Вучиќ.
Тој денеска го одржа првиот онлајн собир насловен како „За нашите деца“.

Денешниот онлајн собир следи по големиот број критики кои беа упатени од експертите дека првиот впечаток од кампањата е во корист на политичката борба, додека здравјето на граѓаните се става во втор план.
Првата ваква кампања следи само два дена откако Вучиќ беше во посета на рударите во басенот Колубара.

Најголем број од опозицискитe партии и движења најавија бојкот на изборите, но не поради состојбата со коронавирусот туку поради тоа што сметаат дека нема услови за фер избори поради актуелната власт која ја обвинуваат за диктатура.

Опозицијата обединета во Сојуз за Србија засега останува на ставот за бојкот. „Движењето на слободни граѓани“ што го предводи актерот Сергеј Трифуновиќ неодамна објави дека ќе учествува на изборите.

Напнатоста меѓу власта и опозицијата започна уште во времето на вонредната состојба и само доби замав по нејзиното укинување на 6 мај.
Опозицијата уште за време на полицискиот час започна со собирања и со протестни маршеви под мотото „Со галама против диктатура“, кога учесниците во еден дел со аплауз им оддаваа признание на медицинските работници за нивните напори, а во другиот дел до тенџериња тропаа во знак на револт против актуелната власт.

Неколкупати дојде и до судири пред државните инстиции, а лидерот на една од главните опозициски партии Двери, Бошко Обрадовиќ веќе една недела шрајкува со глас пред Собранието, а од пред два дена му се придружи и негов сопартиец.

Тој на власта и испорача неколку барања за да го прекине штрајкот: почитување на Уставот и Резолуцијата 1244 за Косово и Метохоија, неселективна работа на обвинителството и судовите, заштита на епархијата на СПЦ и православните верници во Црна Гора, слобода на медиумите и одложување на изборите и создавање услови за слободни и чесни избори.
Како контрапротест на Обрадовиќ, двајца пратенци од владејачката Српска напредна странка на Вучиќ исто така започнаа штрајк со глад, обвинувајќи дека судството е под контрола на опозицијата, но набрзо се откажаа.
Во меѓувреме пред Собранието се одржаа и голем број контрапротести на приврзаниците на власта против протестите на опозицијата.