Низ цела Србија и вечерва за време на полицискиот час граѓаните во 20 часот аплаудираа во знак на поддршка на медицински работници кои се борат против епидемијата од коронавирусот, а пет минути подоцна од прозорците и терасите, удираа на тенџериња, и со свирежи и музика го изразија своето незадоволство од политиката на власта.
Вечерашниот собир е дел од акцијата под мотото „Подигни го гласот: Со бучава против диктатурата“ што ја покренаа иницијативата „Не дави го Белград“ и „Граѓанскиот фронт“.
Музика и тенџериња се слушаа и во Ниш, Нови Сад, Крагуевац и во други градови во Србија.
Аплауз и свирежи одекнуваа вечерва и пред Народното собрание, каде лидерите на опозицијата организираа протест против, како што велат „неуставното воведување на вонредната состојба и мерките за затворање на српските граѓани “.
После аплаузот за поддршка на медицинските лица и акцијата „Со бучава против диктатура“, се случија и контра-протести на приврзаниците на владејачката партија, со малку помал интензитет од вчера и без факели, со пораки на поддршка за Српската напредна странка и со критики кон опозицијата.