Министерството за надворешни работи информира дека од ОБСЕ/ОДИХР добиле позитивен одговор на прашањето дали постои подготвеност да продолжат со набљудувачката мисија на предвремените парламентарни избори.
„Врз основа на договореното на средбата меѓу политичките лидери, МНР стапи во комуникација со ОБСЕ/ОДИХР со прашањето дали постои подготвеност да продолжат со набљудувачката мисија на предвремените парламентарни избори. Одговорот го добивме и во овој момент можеме да споделиме со јавноста дека е позитивен“,
соопштија кусо од МНР додавајќи дека повеќе детали ќе објават по лидерската средба во понеделник.
Од МНР посочуваат дека пред да биде објавена во јавноста, со содржината на писмото прво треба да се запознаат политичките лидери.
Како што веќе објави „360 степени“ в понеделник напладне кај претседателот Стево Пендаровски ќе се одржи лидерска средба на која треба да биде направен нов обид за договор меѓу релевантните политички партии за терминот за одржување на парламентарните избори.
Од трите институции што на претходната лидерска беше договорено да се консултираат, најчист е ставот на Комисијата за заразни болести која излезе со протокол за изборите. Во ДИК, иако доставија мислење до Пендаровски, постои разногласие.
*Поврзана вест
