Штајнмаер има моќ да го распушти парламентот и да распише нови избори само откако владата ќе изгуби на гласањето за доверба. Тој додаде дека на Германија ѝ е потребно стабилно мнозинство и способна влада
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска изјави дека е подготвен да распише нови избори по распадот на коалицијата на канцеларот Олаф Шолц, предупредувајќи ги сите партии да се однесуваат одговорно.
„Крај на една коалиција не е крај на светот. Тоа е политичка криза која треба да ја надминеме“,
рече Штајнмаер.
Шолц соопшти дека ќе побара гласање за доверба во парламентот откако заминувањето на министерот за финансии Кристијан Линднер од редовите на Слободните демократи ја остави неговата влада без парламентарно мнозинство.
Штајнмаер има моќ да го распушти парламентот и да распише нови избори само откако владата ќе изгуби на гласањето за доверба. Тој додаде дека на Германија ѝ треба стабилно мнозинство и способна влада.
„Нашата демократија е силна. Но, сега не е време за тактики и измами, туку за разум и одговорност“,
нагласи германскиот претседател.
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска го назначи Јерг Кукиес за нов министер за финансии на Германија, откако вчеравечер го разреши претходниот Кристијан Линднер, за кој рече дека повеќе ѝ служел на својата партија отколку на општото добро.
Откако беше разрешен, Линднер ги повлече своите министри од владата, со што стави крај на владината тристрана коалиција.
Потоа, Шолц изјави дека на 15 јануари 2025 година ќе се гласа за доверба на неговата влада.