Стефан Младеновски, еден од 33 обвинетите во претходниот предмет за настаните во Собранието од 27 април 2017, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје се појави како сведок во случајот за организацијата на овие настани.
Неговото денешно сведочење, исто како и тоа кога даваше одбрана како обвинет, се однесуваше на организацијата на крвавиот четврток и на тоа што му претходело. Уште на самиот старт, Младеновски ги спомена Владимир Атанасовски, сега обвинет како тогашен директор на УБК и Александар Василевски – Нинџа осуден во претходниот предмет за 27 април.
Нинџа, како што рече, им кажал дека директор на УБК е нивен човек и може да прави што сака, па спомена и дека на средбите во кафулето „Аристократ“ на Нинџа присуствувал и Атанасовски.

Младеновски зборуваше хронолошки, од денот на парламентарните избори во декември 2016, кога ги чекале резултатите во прес-салата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Како што кажа уште од тогаш преку Дејан Димковски – Боксер, вработен во УБК, им било кажано дека нема да се дозволи СДСМ и ДУИ да формираат владина коалиција.
Понатаму зборуваше и за тоа како биле организирани протестите пред ДИК кога се одлучувало за приговорите на партиите во врска со изборите.
„Нинџа ни соопшти дека ќе има протести пред ДИК и ако не бидат прифатени приговорите на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да се упадне во седиштето. Пред седиштето беше донесен и ранец со молотови коктели. Беше во една во грмушките”,
рече Младеновски, но посочи бидејќи вечерта не се одлучило за приговорите, ништо не било преземено, а наредните денови немало такви инструкции.
За протестите на здружението „За заедничка Македонија“, рече дека се сеќава оти се појавиле непосредно по повикот на Никола Груевски „народот да не седи дома по папучи“. Младеновски кажа и дека голем дел од демонстрантите биле од членството на ВМРО-ДПМНЕ кои биле револтирани зошто раководство на партијата не излегло јавно да ги предводи протестите.
За самиот ден на упадот, 27 април 2017, сведочеше дека биле во ресторанот „Дион“ на кејот во центарот на Скопје и следеле што се случува во Собранието. Таму, според него, биле и луѓето на Нинџа. Нинџа им дал пари да купат фантомки, а на патриотските здруженија од внатрешноста Нинџа им се јавил за да тргнат кон Скопје. Од ресторанот, потоа во група од 50-60 луѓе се упатиле кон Собранието.
„Пред ‘Жена парк’, Кољо (еден од првостепено осудените во претходниот случај) доби повик, се сврте и рече да ги ставиме маските бидејќи се влегува во Собранието. Кога стигнавме, вратите се’ уште не беа отворени. Набргу се отворија и народот влезе внатре”,
раскажуваше денеска сведокот.
За себе рече дека по половина час внатре, излегол од Собранието.
Тој го спомена и поранешниот претседател Ѓорге Иванов, велејќи дека им било пренесено дека извесно лице Синиша, вработено кај претседателот, кажало оти Иванов во 22 часот вечерта ќе прогласи вонредна состојба. Но тоа не се случило, сведочеше Младеновски.
Претходно, на едно од минатите рочишта за организаторите сведочеше и неговиот брат, Михаил, кој беше обвинет во претходниот предмет. Двајцата во предметот каде беа обвинети кога даваа одбрана соработуваа со обвинителството и ги споделија истите детали за организацијата и активностите околу 27 април 2017. Браќата Младеновски потоа беа опфатени со Законот за амнестија.
Нинџа, пак, кој постојано беше споменуван во исказот, ќе биде еден од следните сведоци на обвинителството. Тој е осуден на 8 години затвор.
Како сведок на наредните рочишта треба да се појави уште еден од тогаш блиските луѓе на Нинџа кои беа обвинети во претходниот судски процес.

Обвинети во случајот за организацијата на 27 април се тогашниот претседавач со законодавниот дом Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошковски кој беше споменуван како едно од лицата кои контактирале и соработувале со Нинџа. Двајцата избегаа од државата, Груевски во Унгарија, а Бошковски во Грција, па кога обвинителката Вилма Русковска го поднесе обвинителниот акт, тие не беа на листата обвинети и беше соопштено дека постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат достапни на органите.
*Поврзани вести
Сведок за 27 април: Комунициравме во група на Вибер, влегов во Собранието за да бидам виден
Русковска: Сведоците покажаа дека зад протестите „За заедничка Македонија“ стои ВМРО-ДПМНЕ