Поранешниот пратеник и потпретседател на Собранието, Весел Мемеди, утрово сведочеше во Основниот кривичен суд во Скопје во предметот за организаторите на настаните од 27 април.

Мемеди сведочеше за моментот кога на критичниот ден пратеникот од БЕСА, Зеќирија Ибрахими, ја пееше албанската химна од говорницата во пленарната сала во Собранието.
„Се сеќавам убаво дека Крсто Мукоски се пријави да говори процедурално и ја пееше македонската химна. Веднаш штом почна да ја пее, видов дека Џеват Адеми и Артан Груби, кои седеа пред мене, се пријавија за збор и видов дека пратеникот Зеќирија Ибрахими, десно од мене, се пријави после нив. Откако Мукоски заврши со химната, претседавачот Трајко Вељаноски му даде збор на Ибрахими, иако другите се пријавија први. Се сеќавам и дека Џеват реагираше зошто му дал збор на Ибрахими кога тој се пријавил прв“,
сведочеше Мемеди.
Според него, станувало збор за организирано сценарио од две причини: Првата била што му била дадена предност на Ибрахими, а втората е однесувањето на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ извикуваа ‘тишина’. Димитар Стевананџија стана и им се обрати на колегите со ‘тишина, тишина’. Претпоставувам дека тоа беше за да може убаво да се слушне албанската химна надвор каде што се протестираше и се пренесуваше што се случува внатре… И денеска по три години, а и по 15 години да ме прашате ќе го кажам истото, дека тоа беше сценарио“,
рече Мемеди.
Одбраната, пак, го прашуваше дали слушнал дека Стевананџија вели само „тишина, тишина“, дали тоа го правел за да се слушне албанската химна или тоа е само негова претпоставка.
Мемеди рече дека тоа е негова претпоставка, но нагласи дека Стевананџија станал и барал тишина во моментот кога почнала да се пее албанската химна.
Исто така, го прашуваа и дали може пратеник да го повлече пријавувањето за збор, односно дали е можно пратениците Адеми и Груби да го повлекле зборот, а тој да не видел, но Мемеди рече дека не само што тие се пријавиле за збор туку и реагирале кога Вељаноски му дал збор на Ибрахими.
„Рековте дека од две причини сметате дека било сценарио. Дали сметате дека и пратеникот Зеќирија Ибрахими бил дел од тоа сценарио?“,
праша одбраната.
„Апсолутно“, рече Мемеди и додаде, „Немам сомневање во таа работа“.
Одбраната на Вељаноски, пак, тврди дека обвинителството нема материјални докази за тоа дека Адеми и Груби биле пријавени за збор пред Ибрахими, а најави и дека ќе ги повика двајцата пратеници од ДУИ да сведочат.
Ова беше второ сведочење во судница на Мемеди. Тој како сведок се појави и во најобемниот предмет поврзан со настаните од Собранието на 27 април 2017 година, каде што беа обвинети 33 лица, од кои потоа 15 добија амнестија.

Мемеди доаѓа од партија НДП, која беше дел од владејачката коалиција, но лани летото си даде оставка и го напушти Собранието.
Обвинети во случајот за организацијата на настаните од 27 април се тогашниот претседавач со законодавниот дом Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер Никола Груевски и поранешниот разузнавач од УБК, Никола Бошковски. Двајцата избегаа од државата, Груевски во Унгарија, а Бошковски во Грција, па кога обвинителката Вилма Русковска го поднесе обвинителниот акт, тие не беа на листата обвинети и беше соопштено дека постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат достапни за органите.
*Поврзани вести
Сведок за 27 април: Комунициравме во група на Вибер, влегов во Собранието за да бидам виден
Русковска: Сведоците покажаа дека зад протестите „За заедничка Македонија“ стои ВМРО-ДПМНЕ