Според министерот, наредниот месец се очекува повторно намалување на цените зашто е во сила Законот за нефер трговски практики
Се покажа дека есенската кошничка дава ефект, а цените на производите се намалени за пет до десет отсто. Ова денеска го изјави министерот за економија Бесар Дурмиши одговарајќи на новинарско прашање дали очекува по истекување на оваа владина мерка до крајот на месецот, да се зголемат цените на производите.
Сепак, нагласи дека кога ќе заврши оваа мерка и ако идниот месец има драстично покачување на цените, ќе бидат преземени поригорозни мерки.

„Има одредени производи каде цените се намалени многу малку или воопшто, како лебот, млекото и маслото за јадење. Но, имаше и производи каде цените се намалени повеќе од 10 отсто како месото, зеленчукот, млечните производи“,
рече тој.
Тоа го потврдува и синдикалната кошничка, рече тој, според која, цените на храната и пијалаците во октомври се пониски за преку 900 денари.
Посочи дека одлуката на Владата дава резултат и се чувствува врз џебот на граѓаните.
„Кога ќе заврши оваа мерка, ако идниот месец има драстично покачување на цените ќе се преземат поригорозни мерки“,
вели тој.
Според министерот, наредниот месец се очекува повторно намалување на цените зашто е во сила Законот за нефер трговски практики.
„Ако трговците драстично ги покачат цените, а ние тоа го увидиме на терен, ќе преземеме мерки, но ако цените се стабилни на пазарот, нема потреба да донесеме други мерки“,
рече Дурмиши.
Напомена и дека есенската кошничка заедно со училишната резултира со намалување на трошоците на едно семејство за 3 000 денари.
Законот за забрана на нефер трговски практики се применува од 28 септември. Тој предвидува повеќе од 2 500 земјоделски и прехранбени производи да имаат ограничени маржи до 10 отсто (тоа е разликата меѓу цената по која набавуваат одреден производ и по која потоа ќе го продаваат).
Повеќе од 70 прехранбени производи од 24 септември се продаваат со ограничена профитна маржа од 10 отсто, одлука која беше донесена на владина седница.
Во списокот за есенската кошничка се наоѓаат производи од пекарската, месната, млечната и кондиторската индустрија, како и овошје и зеленчук и тие нема да смеат да поскапат до 31 октомври.
Од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) посочија дека ќе се соочат со казни трговците што на основните прехранбени производи кои треба да имаат ограничена профитна маржа ги немаат поставено ознаките „Помалку трошоци, повеќе за тебе“.