Пред почетокот на средбата, куса изјава за медиумите даде претседателот на бугарскиот тим од Комисијата, Ангел Димитров. Прашан какви очекувања има од состанокот, рече дека не може ништо да каже пред средбата
Во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во Скопје во моментов се одржува средбата меѓу македонскиот и бугарскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Денешната средба e прва откако македонскиот тим од Комисијата е со променет состав.
Пред почетокот на средбата, куса изјава за медиумите даде претседателот на бугарскиот тим од Комисијата, Ангел Димитров. Прашан какви очекувања има од состанокот, рече дека не може ништо да каже пред средбата.
„Не ги познаваме новите членови на Комисијата. Претседателот го знаеме, но тоа не е доволно, Комисијата е составена од седум луѓе“,
вели Димитров.
Во пресрет на денешната средба, историчарот Митко Панов, кој е еден од новите членови во македонскиот тим, синоќа во телевизиско интервју рече дека на состанокот треба да ги изразат сопствените ставови, ставовите на македонската историографија и да се фокусираат на оние проблематични точки што едната страна ги смета за, како што рече, некакви конфликтни проблеми.
Пред два дена, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски одржа протоколарна средба со новиот состав на Комисијата, посочувајќи оти дискусиите и одлуките треба да ги водат врз основа на научни аргументи и со целосно почитување на академската слобода.
Последната средба на историската комисија со Бугарија беше одржана на 30 и 31 мај во Софија, а состанокот планиран во Скопје на 18 и 19 септември годинава беше одложен на барање на македонската страна.