Рускиот телеграм-канал SHOT објави дека беспилотни летала се обиделе да ја нападнат државната фабрика „Јаков Михајлович Свердлов“ во градот Џержинск, во регионот Нижни Новгород, на околу 400 километри источно од Москва
Украина синоќа истрела серија беспилотни летала кон Москва и западниот дел на Русија. Во нападите нема настрадани луѓе ниту, пак, е причинета сериозна материјална штета, соопштија локалните власти.
„Руската противвоздушна одбрана уништила најмалку еден дрон насочен кон Москва“,
објави градоначалникот на главниот град на Русија, Сергеј Собјанин, на социјалната мрежа Телеграм.
Остатоци од дрон предизвикале мали пожари во Липецката Област, западна Русија.
Во Брјанска и Орловската Област, западна Русија, противвоздушната одбрана уништила неколку беспилотни летала.
Рускиот телеграм-канал SHOT објави дека беспилотни летала се обиделе да ја нападнат државната фабрика „Јаков Михајлович Свердлов“ во градот Џержинск, во регионот Нижни Новгород, на околу 400 километри источно од Москва.
Фабриката, која е еден од најголемите производители на експлозиви користени од руските сили во војната што Москва ја започна против Украина во февруари 2022 година, е предмет на санкции од Соединетите Држави и Европската Унија.
Четворица пожарникари добиле полесни рани од шрапнели во напад со дрон врз индустриска зона во градот Џержинск, изјави регионалниот гувернер, не прецизирајќи ја целта на нападот.
Руското Министерство за одбрана на Телеграм објави дека осум украински беспилотни летала се уништени над Нижни Новгород. Жителите пријавиле силни експлозии и бел чад во реонот на електраната, пренесува SHOT.
Од Украина нема коментари за нападите со беспилотни летала.
Киев често вели дека неговите воздушни напади се насочени кон инфраструктурата критична за руските воени напори и се одговор на континуираните воздушни напади на Москва против Украина.
Руските власти често не го откриваат целосниот обем на штетата предизвикана од нападите со беспилотни летала, особено на воената, транспортната или енергетската инфраструктура.