Денеска од Министерството за внатрешни работи изнесоа детали за несреќата каде се вели дека патничко возило „форд транзит“ со скопски регистарски таблички управувано од 32-годишен велешанец излетало од патот и се превртело
Во Велес утре ќе биде Ден на жалост за тројцата загинати во вчерашната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Велес.
Одлуката едногласно е донесена на денешната редовна седница на Советот на Општина Велес.
Утре во Велес знамињата ќе бидат поставени на половина копје, сите културни и спортски манифестации ќе бидат одложени, а во угостителските објекти ќе се емитува класична музика.
Во вчерашната сообраќајна несреќа, што се случила во 17:35 часот на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот кај Катланово загинаа три лица, а петмина други беа повредени.
Денеска од Министерството за внатрешни работи изнесоа детали за несреќата, каде што се вели дека патничко возило „форд транзит“ со скопски регистарски таблички управувано од 32-годишен велешанец излетало од патот и се превртело.
Во полицискиот извештај се наведува дека трите загинати лица, како и повредените, се од Велес.
„Од здобиените повреди на местото на несреќата починале сопатниците А. Н. (37), Ј. А. (47) и Д. Ц. (66), сите од Велес, а смрт констатирал лекар од итна медицинска помош. Со тешки телесни повреди се здобил возачот О. Д. (32) и сопатниците З. С. (59), В. З. (67), Н. Н. (33) и Б. П. (41), сите од Велес“,
велат од МВР.
Повредените лица биле пренесени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје и Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Од Основното јавно обвинителство Скопје денеска информираа дека издале наредба за обдукција на тројцата загинати во вчерашната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Велес.
Од Обвинителството информираат дека се преземаат дејствија за утврдување на причините за сообраќајката. Во текот на ноќта ОЈО издало наредба и за вештачење на траги пронајдени на местото на несреќата.
Синоќа од ОЈО информираа дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со екипи на МВР вршеле увид на местото, на кое бил повикан и сообраќаен вештак за утврдување на причините за несреќата.