Дел од трговските центри од затворен тип почнаа со работа, а дел ќе бидат достапни за посетители од утре.
„360 степени“ ги посети „Веро-Џамбо“ и „Рамстор“, и она што може да се забележи е дека бројот на посетители во првите денови е значително помал во однос на тоа како овие трговски центри изгледаа пред пандемијата. „Сити мол“ и „Капитол мол“ најавија дека од утре ќе бидат отворени за посетители.

Граѓаните што ги забележавме ги почитуваат мерките и носат заштитни маски, а во продавниците се пуштаат да влезат од две до три лица.
Одлуката за отворањето на трговските центри од затворен тип беше донесена на владина седница на 12 мај, а вчера беа објавени и протоколите за работа.
Во протоколот за трговските центри во однос на бројот на посетители се предвидува дека не смее да има групирање по ходници и треба да се регулира нивниот број – по едно лице на 5 квадратни метри. Внатре во продавниците, пак, бројот на купувачи треба да биде така што би имало по едно лице на 8-10 квадратни метри.

Се забранува групирање по ходниците, а редарите ќе мора да го регулираат бројот на купувачи, односно да по едно лице на пет квадратни метри. Задолжително пред секоја продавница треба да има средства за дезинфекција на рацете.
Пробувањето на облека во бутиците е забрането, а ќе има можност таа да се проба дома и доколку купувачот сака да може да ја замени.

Протоколот предвидува и дека на секои триесет минути на разглас ќе се потсетуваат посетителите дека треба да ги почитуваат мерките, а ќе бидат поставени и информативни пунктови на видни места.
Работното време на трговските центри ќе биде од 10 часот до 18 часот, а има ограничување за лицата над 65 години, со можност за пазарување до 12 часот.

Заштитните маски се задолжителни и за вработените и за купувачите, а за вработените задолжително е и носењето на ракавици. Се препорачува и физичко растојание од 1,5 до 2 метри.
Доколку на касите за плаќање не може да се обезбеди растојание од 1,5-2 м помеѓу продавачот (касиерот) и купувачот да се постави бариера од плексиглас. Доколку има повеќе каси за наплата, да се обезбеди растојание од 1,5-2 м помеѓу касите во редот.

Редовно и зачестено одржување на хигиената на тоалетите со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење и употреба на дезинфекциски средства.
